Грчки медиуми: Договор сега, реализација за две години

Грчките весници „Катимерини“ и „Та неа“, во нивните денешни изданија објавуваат слични анализи, околу можно сценарио за постигнување договор и одреден временски период за ратификација од македонска страна, јави дописничката на МИА од Атина.

Да ѝ се даде доволно време на Македонија за да го одобри ерга омнес и да направи уставна ревизија предвидува сценариото што според „Катимерини“, во последните денови се разговара меѓу Атина и Скопје.

“Врз база на ова сценарио, кога ПЈРМ ќе ги одобри овие две предвидени точки, особено важни за Атина, тогаш автоматски соседната земја ќе се приклучи во НАТО и ќе ги започне пристапните разговори со ЕУ (секако, доколку Брисел упати соодветна покана),” пишува „Катимерини“. Весникот додава дека на денешната средба на Никола Димитров и Никос Коѕијас, двајцата министри ќе треба, освен добрата волја, што е факт, да најдат и рамка што ќе доведе до договор и поклопување на позициите, за да може средбата недела да се одржи нова средба на премиерите на двете земји во Софија.

Весникот “Та неа” коментира дека македонската страна го менува ставот за употреба на уставното име во внатрешноста на земјата. Македонската страна сметала, пишува „Та неа“, дека овој временски период од две години е задоволителен за да се направат потребните уставни промени, дали со или без распишување на избори но, дека за Македонија да ги направи овие отстапки, треба да се обезбедат итни опипливи резултати, односно влез во НАТО и почеток на пристапни преговори со ЕУ.