„Странци“ на Витошевиќ премиерно во Драмски театар

Што ќе се случи доколку скришно ѕиркате во телефонот на другиот? Соочувањето со вистината решава или пак отвара нов проблем? Колку вистината за / на другиот удира директно во неговиот приватен простор, а колку задира во просторот на останатите? Дали соочувањето со вистината од нас прави подобри луѓе? Мобилните телефони се нашите „црни кутии“?! Колку овие „црни кутии“ не оттуѓуваат еден од друг?

„Странци“ е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отварајки болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себепретставување. Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Се’ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.

Улогата на технологијата во одредување на вистината/вистинитоста како доминанта на денешницата се потенцира и со појавувањето и откривањето на доверливи документи во глобални рамки. Дали светот стана подобро место за живеење по појавата на Викиликс? И уште еднаш, дали соочувањето со вистината од нас (на)прави подобри луѓе?

Ова ќе го запише Нела Витошевиќ во режисерската реч за својата прва претстава во Драмски театар – Скопје. Подготвувана во изминативе некаде два месеца, случајно или намерно, „Странци“, исто како и во случајот со „Бог на масакрот“ од Јасмина Реза во Штипски театар, е работена според филмско сценарио. Овојпат таа посегнала по „Перфектни странци“ („Perfetti sconosciuti“) филмот на Паоло Џеновезе од 2016 година, за кој патем освен режисерот сценариото го потпишуваат неколкумина меѓу кои и Филипо Болоња и Паоло Костела.

Текстот го одбрала според сопственото видување на тоа дека Драмски театар во моментов треба да обработува посовремени теми и „да го користи она што во моментов му е најјако оружје – актерите“. Вели дека барала текст кој суштински би бил значаен, различен, не би се потпирал на некакви театарски „трикови“ туку во центарот од една страна би ја имал актерската игра, а од друга современиот начин на режија воспоставен на некој знаковен принцип близок до јазикот на филмска монтажа. Истакнува дека во процесот на подготовка на претставата се бавеле со една навистина актуелна тема, тема со која секој од нас може да се поврзе. Со прашањето на кој начин технологијата ни ги има окупирано нашите животи и до која мера ние сме станале отуѓени едни од други и од светот што не опкружува. Што е она што таквата технологија го внела во нашите животи.

„Тоа е едниот аспект, а другиот којшто е уште поважен е прашањето колку лагата во ова ново време станала поважна од вистината. Колку ние би ја избрале лагата отколку да ја отвориме вистината. Да ја отвориме таа пандорина црна кутија од која ќе излезат сите наши демони и демоните на нашите најблиски“, вели Витошевиќ.

Таа истакнува дека сценариото всушност е пишувано по една премиса на Маркес која што вели дека „секој еден човек ќе има три животи - еден јавен, еден приватен и еден таен живот“.

„Јавниот живот е некој впечаток што ние го оставаме кај другите луѓе. Приватниот живот е оној живот што ние го делиме со партнерот, додека тајниот живот е нешто што ние го чуваме за себе. Ние тргнавме да ја поимаме претставата исто така преку оваа премиса и да ги отвориме сите тие животи“.

Во „драмомедијата“ ( драма + комедија), како што наведува режисерката, играат актерите Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

Љутков, кого го паметиме и по улогата во „Антигона и Креонт“ што Витошевиќ премиерно ја претстави на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“ откако како проект претходно беше отфрлена токму од Драмски театар, истакнува дека „најуспешните претстави во изминатиот дводеценијски период во овој театар се токму оние кои имале современ пристап на веќе познати класични дела или,пак, кога се поставувани современи автори кои кореспондираат со своето време“.

„Кога ќе се вратите наназад тие се всушност претставите кои се најактуелни, најиграни и најнаградувани. И затоа мислам дека оваа претстава „Странци“, современа претстава со современ пристап на режија, одлична актерска екипа, претендира да биде новиот знак на Драмски театар. Каде би требало да се движи и каде јас лично би сакал да го гледам во иднина. Се надевам дека со оваа претстава ќе создадеме некаква нова публика којашто во последните години малку како да ја подзаборавивме“, вели актерот.

Во контекст на ова Сашо Тасевски, в.д. директор на Театарот, знае да каже дека „претставата ќе биде „дополнителниот шраф во новото возило што го подготвуваме за големиот исчекор на Драмски театар“, а Билјана Драгиќевиќ Пројковска појаснува дека поминале низ еден навистина интересен пристап – филмското сценарио да го спроведат во театарски простор и да го преточат во театарска претстава.

„Ние имавме една супер истражувачка мисија кадешто целата таа вечера што се случува во час и 40 минути успеавме да ја разиграме и да ја доведеме до тоа и нам на актерите да ни биде интересно, а секако и на публиката. Беше доста напорно и тешко меѓутоа суштински нам сега ни е многу забавна таа игра внатре, сето тоа е многу интересно направено, соодветствува со денешницава и не се сомневам дека ќе биде забавно за публиката“.

Кон ова само уште информацијата дека драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор на оригиналната музика Огнен Анастасовски.