Тоа ќе биде прва средба меѓу лидерите на двете земји.
Тие до пред неколку месеци разменуваа жешка реторика поради обидите на Северна Кореја да дојде до нуклеарно оружје кое би можело да стигне до САД, но тензиите оттогаш се смирија значително.
„На 12 јуни во Сингапур ќе се сретнам со Ким Џонг Ун во стремеж кон иднината на мирот и безбедноста за светот, за целиот свет“.
Трамп, на неговиот прв јавен настап, ден по средбата со тројцата Американци ослободени од Северна Кореја, на митингот во Индијана изјави дека за нивното ослободување не било платено ништо, за разлика од неговиот претходник Барак Обама, кој, како што рече, платил милијарда и осумстотини милиони долари за заложници.
„Мислам дека Ким Џонг Ун со тоа си направи голема услуга за себе, за неговата земја, но тие заложници излегоа со почит, не плативме за тоа“.
Промената на тонот во односите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг следуваше по големите тензии меѓу Трамп и Ким откако лани Северна Кореја ја активираше својата најголема нуклеарна бомба.
Тогаш Ким Џонг Ун изјави дека Соединетите држави сега се наоѓаат во опсегот на севернокорејското оружје.
„Соединетите Американски Држави се наоѓаат во рамките на нашето нуклеарно оружје, а копчето на тоа оружје е секогаш на моето биро. Ова е реалност, а не закана“.
Одговорот на Трамп гласаше:
„Северна Кореја најдобро е повеќе да не им се заканува на Соединетите држави. Тие ќе се соочат со оган и бес, какви што светот никогаш не видел“.
Ракетните тестови и ескалирачката реторика меѓу Трамп и Ким предизвикаа страв од војна во светот до моментот кога лидерот на Северна Кореја во говорот на Нова Година, повика на намалување на воени тензии и подобри врски со Јужна Кореја.
Следуваа многу дипломатски посети и прекугранични размени кои доведоа до историска средба на лидерите на двете Кореи.
Во рамките на тоа беше и пренесена поканата на Ким Џонг Ун за средба со Доналд Трамп и организирана посетата на Мајк Помпео, тогаш директор на ЦИА, а сега државен секертар на Пјонгјанг.
Ким Џонг Ун веќе најави дека Северна Кореја ќе ги прекине нуклеарните и ракетните тестови со долг дострел и ќе ја уништи својата единствена позната локација за нуклеарно тестирање.