Нефункционалноста на коалицијата „За подобра Македонија“?

ВМРО-ДПМНЕ останува отворена за соработка со сите коалициони партнери кои ги делат истите определби и заложби со партијата. Пратеникот Антонио Милошоски смета дека коалицијата „За подобра Македонија“ е нефункционална, бидејќи дел од партиите не дејствувале во согласност со принципите на коалицијата

ВМРО-ДПМНЕ останува отворена за соработка со сите политички партии кои ги делат заложбите и политиките на партијата, се вели во писмениот одговор од ВМРО-ДПМНЕ откако неодамна на својот фејсбук статус пратеникот Антонио Милошоски побара да се преиспита функционалноста на коалицијата „За подобра Македонија“ како предуслов за утврдување на сопствениот партиски коалиционен капацитет.

„ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски остануваат отворени за соработка со сите политички партии и општествени групи кои ги делат заложбите и политиките на ВМРО-ДПМНЕ за пораз на деструктивните политики на власта и обезбедување на понуда која ќе овозможи подобар живот на граѓаните и напредок на државата. Обликот и начините на понатамошно делување и заедничка соработка со коалиционите партнери ќе биде дел од натамошната стратегија на дејствување на ВМРО-ДПМНЕ и заеднички договор меѓу партнерите од коалицијата“, се вели во писмениот одговор на ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски пак, напиша дека во реалноста коалицијата "За подобра Македонија" е далеку од сплотеноста и ефикасноста за која беше создадена како заеднички повеќепартиски проект.

“Добар број од коалициони партнери, како што се Сојузот на Ромите, ГРОМ, Демократската партија на Турците и други, добија многу повластици, логистичка поддршка и битни позиции во изминатите 10 години, најчесто на сметка на ВМРО-ДПМНЕ како водечка партија, но истите денес не возвраќаат со нивната основна обврска за опозициска солидарност и заедничко делување согласно принципите на коалицијата. Недефинирана е и поставеноста на Социјалистичката партија, додека пак Титовите леви сили, освен за подбив, тешко се корисни за друга улога. Демократската партија на Србите во последно време е радо виден гостин во Москва, но дали тоа е во склад со определбите на ВМРО-ДПМНЕ е тема за сериозна размисла од страна на ВМРО-ДПМНЕ”, пишува на својот профил Милошоски.

Политичките аналитичари велат дека коалицирањето е тренд кој од секогаш повеќе се злоупотребувал отколку што бил рефлексија на идеолошките и програмските определби на поголемата политичка партија која ја предводи коалицијата. Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека делумно тоа е резултат на изборниот модел којшто го имаме.

"На политичката сцена ние имаме и парадокси. На пример ВМРО-ДПМНЕ е во една традиционална коалиција со една лева партија Социјалистичката и со неа е во коалиција од самиот почеток на владеењето. Ова не е некоја идеолошка определеност на помалите политички партии, туку е повеќе средство со кое некој од лидершипот во тие партии ги остварува своите различни интереси. Секако тоа се партии кои и реално немаат некоја тежина на политичката сцена, туку се користеле повеќе како бројка во пи-арот на поголемите партии," вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Упатените велат дека долгорочно ВМРО-ДПМНЕ нема многу да изгуби доколу коалицијата се распадне, но на дневна база тоа би можело да предизвика осипување на пратеничката група, што пак според нив, оди во корист на спротивната страна.

„Во оваа ситуација така како што се поставени работите ќе има проблем во насока на осипување на пратеничките мандати коишто ги имаат. Така што доколку тие би заминале, бројот на пратениците со поддршка за ВМРО-ДПМНЕ ќе се намали и ќе се променат силите во Собранието,“ истакнува политичкиот аналитичар Митко Гаџовски.

Гаџовски заклучува дека тоа би можело да предизвика и други последици но, само ако се смени изборниот модел, кој онака како што е поставен во моментот им оди во прилог само на поголемите политички партии, бидејќи цензусот за влез во собрание е многу висок и недостижен за помалите политички партии.