Стравот на Русија од ширењето на ЕУ и НАТО сее раздор на Балканот

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Русија со раздор на Балканот против ширењето на НАТО и ЕУ

ЕУ не смее да го игнорира руското мешање во нејзиното соседство и мора да ја засили јавната дипломатија во регионот, советува германскиот институт „Конрад Аденауер“ во својот најнов извештај за ширењето на руското анти-западно влијание во Западен Балкан, а со тоа и во Македонија

По анексијата на Крим во 2014 година, руската влада ја разви својата мрежа на политичко влијание и во Западен Балкан. Тој потег на рускиот претседател Владимир Путин е мотивиран од стравот од проширувањето на Западот во т.н. „московска сфера на влијание“, а конкретно проширувањето во Западен Балкан за Москва е закана за интересите на националната безбедност на Русија. Затоа Путин сака да го запре ширењето на ЕУ и НАТО со тоа што ќе ја поткопа евро-интеграцијата на Западен Балкан.

Ова е еден од заклучоците на најновиот извештај на германскиот институт „Конрад Аденауер“, насловен „Пропаганда и дезинформации во Западен Балкан: Како ЕУ може да се спротивстави на информативната војна на Русија“. При тоа, наведува Институтот, главните методи во оваа војна на Москва - пропагандата и дезинформирањето - во Западен Балкан се фокусирани врз две цели: Поттикнување на долготрајните регионални тензии и поткопување на кредибилитетот на ЕУ.

„ЕУ не смее да го игнорира руското мешање во нејзиното соседство и мора да ја засили јавната дипломатија во регионот “, стои во извештајот на Институтот „Конрад Аденауер“, каде се дадени и препораки кои, како што се вели, можат да помогнат да се спречи Москва да поттикнува конфликти во Западен Балкан и да се засили моќта на ЕУ за поттикнување реформи за стабилност и просперитет.

Дека Москва на Балканот делува и со минимизирање на вредностите на ЕУ се согласува и Зоран Нечев од Институтот за демократија од Скопје.

„Тоа е некој вид расчленување, минимизирање на тоа кои се ефектите и придобивките на земјите од Западен Балкан со нивното влегување во ЕУ. Значи расчленување на целиот наратив што го има ЕУ како начин, место и општество за живеење“, вели Нечев за РСЕ.

Руските и проруските медиуми како најсилна алатка

Оваа стратегијата на Москва се потпира врз широк спектар инструменти: Влијание на медиумите, јавна поддршка за евроскептицизмот и за подобни организации и лидери, како и формирање невладини здруженија кои играат главни улоги во локални работи.

„Во 2014 година, новинската агенција „Раша тудеј“ почна да емитува програма на српски јазик, а агенцијата Спутник отвори главна регионална канцеларија во Белград, која ги претставува САД и ЕУ како имеперијалистички моќници кои сакаат да го уништат српскиот идентитет и српската автономност. Во октомври 2016 година, медиумот „Русија зад насловите“, кој е информативен додаток спонзориран од руската влада, направи бесплатна мобилна апликација за вести наречена RBTH Daily која од оваа година е достапна на 14 јазици, вклучувајќи и македонски.

Тоа ѝ помага на Москва да го засили регионалниот политички дискурс со свои ставови за светските настани“, стои во извештајот на „Конрад Аденауер“.

За разлика од информациската војна на Русија во Србија, која е релативно добро документирана, помалку внимание беше дадено на руската интервенција во другите земји-кандидати за членство во ЕУ - Албанија, Македонија и Црна Гора.

„Преку своето медиумско влијание, Москва се обидува да ги дестабилизира и овие земји, поткопувајќи го нивното зближување со Западот. Примери за тоа во Црна Гора беа обидот за државен удар и обидот за атентат на црногорскиот премиер, како и руските интернет кампањи за дезинформација и хакерски напади за време на претседателските избори“, се наведува во извештајот.

Поттикнување етнички тензии во Македонија со идеи за Голема Албанија

Како пример за руско мешање во Македонија „Конрад Аденауер“ во својот извештај вели: „Според македонските разузнавачки документи добиени од Проектот за известување за корупција, руски шпиони и дипломати биле вклучени во речиси децениските напори за ширење пропаганда и предизвикување етнички раздор во Македонија. За таа цел, Русија ја зголеми својата дипломатска активност со поставување свои почесни конзули во Битола и во Охрид, а Руската амбасада во Скопје го надгледува создавањето на многу "пријателски здруженија" помеѓу Македонци и Руси и отвори руски културен центар во Скопје“.

Центарот за анализа на европската политика (CEPA), цитиран во извештајот на „Конрад Аденауер“, известува дека „руските медиумскии извори во Македонија ги предупредуваат Македонците да не им веруваат на Вашингтон и на неговите европски сојузници, бидејќи тие сакаат да ги поделат Македонија и Србија во корист на Голема Албанија“.

Со ширење на овој тип на информации, велат од CEPA, „медиумите финансирани од Москва се обидуваат да ја дестабилизираат земјата со поттикнување етнички тензии“.