Одлуката на Вашингтон за излегување од нуклеарната спогодба со Иран имаше непосредни реакции во Ерусалим, Ријад, Техеран и пошироко.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го пофали овој потег.
„Израел целосно ја поддржува храбрата одлука на претседателот Трамп денес, да го отфрли катастрофалниот нуклеарен договор со терористичкиот режим во Техеран“.
Но, во исто време Израелците на Голанската висорамнина се на највисок степен на тревога.
Властите им наложија на жителите да ги подготват засолништа по идентификување на она што војската го опиша како „неправилна активност на иранските сили во Сирија“.
Израел го гледа Иран како главен регионален ривал, а Нетанјаху долго време го притискаше Вашингтон за построга позиција спрема Техеран.
Во минатата недела Нетанјаху објави, како што рече, докази дека Иран лажел за претходните напори за развој на нуклеарно оружје.
Тоа изгледа само ги потврди намерите на Трамп да се откаже од договорот и повторно да наметне санкции врз Иран.
„Во минатата недела Израел објави разузнавачки документи долго време сокриени од Иран, кои убедливо ги прикажуваат иранскиот режим и неговата историја за развивање нуклеарно оружје“.
И американскиот сојузник Саудиска Арабија, уште еден регионален ривал на Иран, го пофали потегот, наведувајќи дека економските придобивки од укинувањето на санкциите Иран ги искористил за дестабилизација на регионот.
Брз беше и иранскиот одговор на одлуката на САД.
Претседателот Хасан Рохани рече дека останува посветен на нуклеарната спогодба и изрази надеж дека Иран и другите потписнички би можеле да го зачуваат договорот.
„Му наредив на Министерството за надворешни работи да преговара со европските земји, Кина и Русија. Доколку на крајот од овој краток период констатираме дека можеме да ги искористиме придобивките на спогодбата, со соработка на сите земји, договорот ќе остане. Но, ако нашите интереси не се заштитени, ќе ја објавиме нашата одлука“.
Американските сојузници Британија, Франција и Германија издадоа заедничка изјава, нагласувајќи дека и тие остануваат посветени на спогодбата.
Русија пак, изразувајќи длабока загриженост оцени дека одлуката на Трамп претставува „сериозно кршење на меѓународното право“.
Едностраната одлука на Трамп да се откаже од договорот е во контраст со улогата на Америка во формирањето на меѓународната коалиција која го постигна договорот во 2015 година.
Сега, Соединетите држави, се чини, стануваат се поосамени.