Владата бара алтернативи за финансирање на гасоводната мрежа

Изградба на магистрален гасовод, дел од проектот за изградба на Националниот гасоводен систем во Република Македонија.

Владата на денешната седница ја разгледа и ја усвои информацијата за потребата од алтернативно финансирање за реализација на изградбата на дистрибутивната гасоводна мрежа во Република Македонија и го задолжи Министерството за финансии да ја информира Владата за можностите за финансирање за реализација на изградбата на секундарниот дистрибутивен гасовод во Република Македонија.

Владата исто така ја разгледа и ја усвои информацијата во врска со потпишувањето заедничка декларација од страна на премиерите на Бугарија и Македонија за овозможување спојување еден ден однапред на пазарите на електрична енергија во Бугарија и Македонија, како и меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија и Министерството за енергетика на Бугарија за спојување еден ден однапред на пазарите на електрична енергија, со нацрт-текст на меморандумот.

Ова е втората и последна фаза од претходно донесената одлука на Владата за соработка на пазарот со електрична енергија со Бугарија со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.