Македонска рок енциклопедија – сведоштво за генерациите од градскиот асфалт

Интензивно работена во изминатава половина декада, денеска во Младинскиот културен центар беше промовирана Македонска рок енциклопедија (1963-2018) - Прв том, чиј приредувач е Тошо Филиповски. Оваа пионерска објава е издание на „Corpus Delicti Records“ и содржи податоци за 333 македонски групи и артисти од различни музички жанрови, повеќе од 400 фотографии и прецизни податоци за нивните снимки, изданија и концерти.

МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА не е само книга во која, налик на сличните објави во светот, е направен обид да се сублимира сето она што е изблик на младешкиот бунт и креативност во одреден временски период на еден даден простор. Во случајов од некаде таму раните 1960, па се до денешни дни. Од првите пребирања по гитарските жици во надеж да се симнат бит хитовите емитувани на тогаш омиленото Радио Луксембург како единствена лектира и се* до денес кога потем стигматизираниот рокенрол реално израсна во бастион пред атаците на турбоизираната свест, нуспродуктот на овдешното поимање на демократијата и разнебитувањето на било каквите вредности.

Затоа Енциклопедијата, чиј приредувач е Тошо Филиповски, за која некои ќе кажат дека е „капитално дело“, „историски потег“...бла, бла, бла... многу поумесно би било да ја толкуваме како вистински, неоходен „документ за младешката (суб)култура во Македонија на прекршувањето на вековите“.

Како сведоштво на ентузијазмот на генерациите израснати на градскиот асфалт. На нивниот презир кон постојното. На инаетот да бидат свои и да ја канализираат младешката енергија во плодотворни цели кои во многу нешта ги надраснуваат музичките рамки. Независно дали во фокусот биле бит музиката, рокенролот, џезот, блузот...панкот, хеви-метал баражите, хип-хопот, електрониката, ска и пост-панкот, регето, њу-вејвот, дарк звуците, експерименталните проблесоци...Дали притоа сето тоа било зачинето со нашето генетско ритмички неправилно пулсирање на крвта во жилите. Или можеби од силната, незгаслива потреба да се биде вистински свој. Поинаков. Оригинален во океанот на вкрстувања од познатото. Онаков, кон каков што несомнено тежнееле БИС-БЕЗ, ЛЕБ И СОЛ, ТРИАНГЛ, КОНКОРД, МИЗАР, АРХАНГЕЛ, ДЕН ЗА ДЕН, АНАСТАСИЈА, БАСТИОН, ЛАСТ ЕКПЕДИШН, ЧИСТА ОКОЛИНА, С.А.Ф ...ФОЛТИН, БЛА БЛА БЛА и БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА.

И за што несомнено сведочат носачите на звук што зад себе ги оставале, концертите и перформансите овде, по регионот и во светот, пожолтените страници на весниците, радиските и телевизиските записи кои во меѓувреме исчезнаа од видокругот на обичните конзументи гладни за поинаква понуда.

ЛЕБ И СОЛ

Ете, затоа тротомната книга која е плод исклучиво на ентузијазмот и инаетот на еден таков вљубеник, во случајов Филиповски, панкер по животна определба, наместо очекувано четиво полно со факти за раѓањето и растот на сцената, за оние кои сосема малку или многу, мноооогггггуууу повеќе оставиле трага на неа, се престорува во субверзивна книга која ќе биде трн во окото на оние од власта кои и не милуваат да ја делат „славата“ на локалново буниште со некои таму „отпадници“. Со оние којшто со гордост ги носеа привилегиите и лузните од еднопартискиот титоистички систем, распадот на некогаш заедничката држава, премрежињата од балканските војни и судири, неизживеаниот суров капитализам, глумењето „демократија“... Таквите кои и не се двоумат многу да ти ја плукнат вистината право во очи. Оти такво е нивното поимање на реалноста. Чесно, искрено и бескомпромисно. Рокенрол.

МИЗАР на ЈУРМ 1983 во клубот Лапидариј - Загреб, Хрватска

И, да се разбереме, како пионерски потег оваа урбана библија несомнено е дека ќе мора да ги прележи и детските болести. Во неа веројатно ќе има „неопростиви“ грешки, погрешни „години“, „заборавени“ бендови и поединци...и така во недоглед. Можеби ќе се фрла и со дрвја и со камења кон нејзиниот потписник кој имаше големи топки и исправен рбет да го истурка проектот кој живееше одамна како идеја, но кој не се обистини од мал милион причини. Што реални, што насетувани.

И сето тоа не држи вода оти МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА (веруваме) не е замислена како затворена книга. Напротив таа неминовно го бара честото проветрување, проверување на еднаш запишаното, наново визуелизирање... Нејзиното допишување не е само обврска на авторот, туку пред се и над се на генерациите кои со сета своја енергија допрва ќе ја имаат мисијата да го бранат урбаниот начин на живеење во срединава во која непрестајно завиваат трубите на турбо-телалите и нивната незгаслива потреба да си ја мерат самобендисаноста. И, глупоста – се разбира.

БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА

Конечно МАКЕДОНСКАТА РОК ЕНЦИКЛОПЕДИЈА е куршум испукан во срцевината на убедувањето дека сме тиква без корен. Таа повеќе од многу самонаречени дела е изблик за нашиот идентитет овде и сега и за нашата опстојба на оваа толку значајна и примамлива раскрсница на стрвниците. За нашето поимање на светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Книга – мост кој води до нашето обично јас. И, се разбира, до другите со иста или слична емоција и размисла. Планетарно.