Премиерот Зоран Заев денеска во Кривичниот суд даваше исказ како обвинет во случајот „Поткуп“ во врска со постапката за продажба на државно градежно земјиште. Според Заев, сведокот Иван Николов пред да биде снимено видеото му пристапил и почнал да разговара за донацијата за црквата и дека не можел да донира по три евра за метар квадратен од причина што власта ќе го смета тоа како поддршка за него. Заев му одговорил на Николов дека „тоа е меѓу него и Господ и дека колку милува, толку и да донира“. Според Заев, тоа бил и првиот обид на сценариото за негово местење за политички цели.
„Мојата претпоставка е дека со одредени лица во тоа време, меѓу кои и Митко Чавков, кој исто така е струмичанец, почнало да се реализира сценариото за да ме спречат како шеф на опозицијата да ги објавам политичките бомби“, рече Заев.
Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица побарал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов Сачевалиев.