Ја делиме истата судбина со ЕУ, но се уште не сме на масата, изјави шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на третиот министерски состанок на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија во Солун.
Тој и се заблагодари на Бугарија, која како земја претседавач со Унијата успеала регионот да го стави назад на политичката агенда на ЕУ, а 2018 да ја направат година на можности. Димитров изрази уверување дека регионот не може да стане едно вистински среќно место доколку земјите не се движат во заедничка насока.
Шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас порача дека промените што се случуваат во светот водат до заклучок дека мора да се интензивира и продлабочи соработката меѓу земјите од Југоисточна Европа. Тоа, според него, е особено потребно за Македонија и Албанија да станат дел од ЕУ и да се овозможи подготовка за нивната соработка во рамки на Унијата.