Кохабитацијата затајува

Архивска фотографија - Претседателот Ѓорге Иванов му го даде мандатот на Зоран Заев.

Кохабитацијата е нарушена, сметаат експертите, според кои, многу е важно да постои соработка меѓу Владата и Претседателот, посебно за клучните прашања како што е спорот меѓу Македонија и Грција.

Кога станува збор за клучни прашања за државата, соработката меѓу Претседателот и Владата затајува, велат експертите. Таму каде што е најпотребна кохабитација, како што е случајот за прашањето за спорот за името меѓу Македонија и Грција, но последните примери со изборот на гувенер на Народната банка и носењето на законот за јазици, за жал покажуваат дека одлуките се носат еднострано, сметаат тие. Показател за релациите на претседателот на државата и Владата деновиве беше и однесувањето на амбасадорот Васко Наумовски, кој во Вашингтон не ја придружувал министерката за одбрана Радмила Шеќеринска на средбите со високи официјални претставници.

Професор Никола Дујовски вели дека од изборот на новата влада речиси како да нема консултации за значајни прашања меѓу неа и претседателот Иванов. Дујовски дополнува дека таквата состојба на подолг рок не е одржлива.

„Ова со гувернерот и тактизирањето е знак за владата на Заев дека можеби ќе треба да подразмисли за одредени пршања за претседателот зашто тој е многу значаен и во процесот на склучување на оној финален договор со Грција. Ако тука претседателот остане на ставовите дека под закрила на заштитата на националните интереси одбие да потпише нешто што е општ национален интерес ќе биде проблем. Сега засега мислам дека не се предизвикани некои посебни проблеми во фукционирањето на правото во државата“, вели професор Дујовски.

Дујовски вели дека добра околност е што наскоро, односно во април следната година, во Македонија треба да има претседателски избори.

Но, политичкиот аналитичар Насер Зибери изразува загриженост дека несоработката меѓу Претседателот и Владата во време кога Македонија ги интезивира напорите за нејзино европско и евроатланско интегрирање може да ги забави овие процеси кои претставуваат приоритет за земјата.

„Најлошто е тоа што земјата во надворешната политика се претставува како незрела и несериозна демократија, и тоа кај меѓународниот факор е индикатор дека земјата се уште не ги исполнува условите за отпочнување на преговорите и за вклучување во НАТО и ја прави држвата нерсиозен партнер во комуникацијата“, вели Зибери.

Тој вели дека Македонија секогаш има проблем со кохабитација кога претседателот на државата и Владата се од различни политички партии. Освен нанесување штета за кредибилитетот на земјата во меѓународната заедница, Зибери дополнува дека несоработката и водењето паралелни политики претставува сериозна опасност за нормално функционирање на институциите и оти понекогаш последиците се блокада во функционирањето на институциите.

„Неможноста да се носат одлуки за кои има взаемна согласност резултира со неможност да се изберат функционери кои извршуваат задачи на позиции кои се значајни“, вели Зибери.

Таков е и последниот случај кога претседателот Ѓорге Иванов пред празникот до Собранието достави предлог Димитар Богов повторно да биде избран за гувернер на Народната банка, исто како и во 2011 година кога тој го предложи за првиот мандат и не ги консултираше парламентарните партии.

Дујовски сепак, вели дека забавување на процесите во државата во наредниот период може да има ако претседателот не застане зад евентуален договор кој би бил постигнат со Грција. Се дотогаш, според Дујовски, останатите случувања на релација Влада и претседател се одраз на политичко пазарење и на различни политички ставови и видувања.