Професионална или политичка гувернерска фотелја?

Додека партиите се уште молчат и се координираат дали ќе го поддржат предлогот на претседателот Ѓорге Иванов за гувернер да биде именуван Димитар Богов, експертите велат дека немањето гувернер, нема да влијае во работата на НБРМ, но дека може да ја наруши нејзината независност како институција.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се уште молчат за тоа дали ќе го поддржат предлогот на претседателот Ѓорги Иванов, Димитар Богов да добие уште еден мандат за гувернер на Народната Банка.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за ова прашање дополнително ќе се разговара на партиските органи и тела по што ќе го соопштат ставот во јавноста. И премиерот Зоран Заев најави координација дали истиот ќе биде прифатен. Заев потврди дека ќе го консултира парламентарното мнозинство од што треба да произлезе и конечен став кој ќе и биде соопштен на јавноста.

Јасен став засега има само ДУИ која веќе подолго време го предлага поранешниот министер за економија и вицепремиер за европски интеграции, Фатмир Бесими. Вицепремиерот Бујар Османи во интервју за телевизија 24 рече дека ДУИ нема да го поддржат предлогот на претседателот Иванов и ќе се обидат да се координираат и да ги убедат сите политички фактори околу тоа. Османи додаде дека предлогот на Иванов ја искомплицирал координацијата.

Според Уставот, Иванов има право да предложи кандидат по свој избор, но за тоа ќе треба да обезбеди поддршка во Собранието.

Во јавноста веќе се појавија реакции дека е можно гувернер да не се именува се додека не се избере нов претседател на државата, пред се поради несогласувањата помеѓу власта и шефот на државата за повеќе прашања. Во случај на вакво сценарио, банката би останала без гувернер скоро една година, што според упатените нема директно да влијае на нејзиното работење, бидејќи функцијата ќе ја преземат вицегувернерите, но, во прашање може да биде доведена нејзината независност.

Доброупатени извори велат дека во услови на длабока политичка криза и влијание на дневната политика во секој сегмент од општеството каква што имавме во изминатите години, НБРМ одигра централна улога со тоа што успеа да ја одржи својата независност. Тие стравуваат дека немањето гувернер, може да влијае во работата на таа институцијата и да ја наруши нејзината независност.

За избор на прв човек на НБРМ потребни се 61 гласа во Собранието. Богов пред седум години беше избран со 62 гласа од ВМРО-ДПМНЕ. Неговиот мандат истекува на 21 мај.