Туск - Ги имате сите неопходни состојки за да успеете

Препораката од Европската Комисија е најдобар доказ дека напорите на вашата земја импресионирале многумина во Европа, порача претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск кој престојува во Скопје. Премиерот Заев рече дека Македонија никогаш не била поблиску до датум за почеток на преговори

„Овде во Скопје, чувствувам промена во политичкиот менталитет во Македонија и вистинска политичка волја за придвижување на евроатлантската ингерација на вашата земја. Гледам храбро лидерство насочено кон иднината. Препораката од Европската Комисија е најдобар доказ дека напорите на вашите граѓани и на вас импресионирале многумина во Европа“, порача претседателот на Европскиот Совет Доналд Туск, кој денеска престојува во Скопје.

„ЕУ ќе ви помогне во вашите напори за реализација на реформите. Ги имате сите неопходни состојки за да успеете. Консензус на политичката класа за членство во ЕУ и НАТО како и решителност на вашиот народ“, изјави Туск.

Првиот човек на Советот, кој се обрати на македонски јазик, ја потенцираше важноста на добрите меѓусоседски односи, потенцирајќи дека се надева оти по договорот со Бугарија кој, како што рече, докажал дека постои волја да се надминат духовите од минатото, истото ќе се случи и со спорот за името со Грција.

Туск рече дека нема подобро место од Скопје за да ја заврши балканската турнеја и искажа благодарност на Македонија за запирањето на мигрантската рута, но и за поддршката за случајот Скрипал.

Вие застанавте до нас во случајот Солсбери и ние ќе застанеме до вас. ЕУ е и ќе остане најдобриот партнер за целиот регион. ЕУ е најголем инвеститор, донатор и трговски партнер за целиот регион,а тоа се однесува и на вашата земја,“ рече Туск.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Туск во Скопје: ЕУ ќе ги помогне реформите

Самитот на лидерите од ЕУ и партнерите од Западниот Балкан на Самитот во мај Софија, Туск го најави како можност за реафирмација на европската перспектива на регионот и можност за подобрување на односите внатре во регионот.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Македонија сака да ги убеди и земјите членки дека заслужува да добие датум и да ги почне преговорите за членство, а како што рече, во тоа никогаш не била поблиску.

„Со признанието за напредокот на нашата земја истовремено доаѓа одговорноста да продолжиме со исто темпо во трансформацијата на Македонија по примерот на стандардите на ЕУ. Нема време за опуштања и во наредниот период ќе ги удвоиме нашите напори. Реформите ќе станат повидливи, поконкретни и поефикасни“, рече Заев, најавувајќи го Планот 18, што се подготвува во соработка со ЕК.

Посетата на Доналд Туск доаѓа по посетите на неколкумина претставници на европските институции. Само во последните три месеци Скопје беше домаќин за претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.