Хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ денеска ја поздрави препораката на ЕК за отворање на претпристапни преговори за членство на Македонија во ЕУ. Таа по средбата со претседателот Ѓорѓе Иванов во Скопје порача дека Хрватска ќе направи се што е во нејзина моќ до јуни да се донесе одлука за Македонија за датум за почеток на преговори. Според неа, отворените билатерални прашања не само што можат туку мора да се решаваат паралелно со евроинтеграцијата.
„Мислам дека треба да се покаже зрелост и подготвеност на дијалог со меѓусебно почитување и почитување на меѓународното право и решението за проблемот двете земји да го најдат сами без наметнување решение од страна“, рече Грабар-Китаровиќ.
Таа посочи дека процесот на проширување треба да продолжи и оти со застојот се создава опасен вакуум кој ќе го исполнат трети страни на кои не им е од интерес напредокот на државите на патот за членство во ЕУ и НАТО, нешто за што, според неа, е свесна и самата Унија.