Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска од Стразбур порача дека консолидирањето на Европа е невозможно без стабилен, мирен и просперитетен Балкан.
Тој денеска имаше обраќање на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Во однос на напредокот во европските интеграции, Димитров вели дека предизвик за земјата е да постигне суштинска промена внатре.
„Нашата цел не е само да стигнеме до ЕУ членство. Патот до таму е исто толку важен и треба да води кон изградба на општество во кое владее правото, функционираат институциите и се почитуваат човековите права“, истакна Димитров.
При посетата на Советот на Европа, министерот Димитров се сретна со генерален секретар на Советот на Европа Торбјорн Јагланд, со претседател на Парламентарното собрание Микеле Николети, со претседател на Европскиот суд за човекови права Гвидо Раимонди и со комесарот за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ, како и со членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа.