Расфрлан смет покрај преполни контејнери, отпадоци фрлени на зелени површини и на улиците, а има и места во Тетово кои наликуваат на мини депонии. Оваа слика е честа во градот, за која граѓаните сметаат дека е резултат на неажурноста на општинската комунална служба.
„Хигиената, еве сликајте од сите страни, за никаде е. Овој патот, од оваа страна 100 години седи така.“
„Прљаво е, прљавштина. Екологијата е, еве гледајте како изгледа.“
„Катастрофално, контејнерите полни со смет. Не знам политичарите што прават. Јас се сеќавам кога беше предизборната кампања овде, ветуваа брда и долини. Ветуваше Теута Арифи, ова-она. Од тоа ништо, само да се дојде на власт“, велат тетовци во анкета.
Во комуналното претпријатие велат дека, како што календарски изминува годината, така се зголемува и бројот на тони смет што се создава од страна на граѓаните. Затоа, според директорот Џелал Цека, има проблеми во собирањето.
„Кај тонажата на ѓубре не е исто секој месец. Ако во јануари, февруари, март имаме 150 до 170 тони на ден, сега во април-мај одиме до 270 тона повеќе ѓубре. Во месец јули-август достигаме до 280-300 тони на ден. Во реоните во главните улици не само во трета смена, сега одиме по два пати на дена да собираме смет“, рече Цека.
Општина покрена кампања Ново зелено Тетово започнува со тебе. Се прави обид секој запуштен дел од градот да стане една убав зелен простор, но тоа зависи и од свеста на граѓаните, вели градоначалничката Теута Арифи.
„Сите повеќе да станеме свесни да имаме што повеќе зеленило во градот поквалитетен е животот за сите нас. Секој тоа треба да го има предвид. Дека едно мало дрвце пред неговата куќа не му пречи, туку напротив, му дава екстра кислород на неговото семејство и на сите нас“, потенцира градоначалничката.
Иако помина зимата, а со тоа и греењето на огревно дрво во домаќинствата како потенцијален аерозагадувач, концентрацијата на ПМ 10 честичките во Тетово и понатаму е над границата која ја означува безбедноста по здравјето на луѓето. Во првото тримесечие од 90 денови регистрирани се 66 дена со загаден воздух.