Омилени во Русија, омразени на запад, наклонети кон претседателот Владимир Путин, но и тој кон нив, руската моторџиска група „Ноќни волци“, кои имаат свои ограноци во повеќе европски држави, меѓу кои и Македонија, неодамна беа на турнеја низ државите од Балканот кои тие ги сметаат за пријатели на Русија. На турнејата, која ја нарекоа „Руски Балкан“, беа 20-ина „волци“, но од Москва дојдоа со комби, оти времето било студено за возење мотори.
Посетија повеќе градови во Република Српска, во Србија и во БиХ. Според министерот за безбедност и според тамошната американска амбасада, „посетата е закана по безбедноста на државата“.
Пријателството на овие моторџии во Србија е одамна докажано, уште пред неколку години кога ги прими тогашниот претседател Томислав Николиќ и им подари српско знаме со неговиот потпис, а тие за возврат му подарија елек со симболите на „Ноќните волци“.
Во Македонија не дојдоа.
Турнеја за обединување на ултрадесничарски сили за руски интереси?
За турнејата „Руски Балкан“ се коментираше во речиси сите балкански медиуми, но и во повеќе познати западни медиуми. Повеќето од нив, со исклучок на дел од српските медиуми, оваа турнеја ја оценија како обид за ширење на руското влијание кај оние држави и народи кои не се членки на НАТО и ЕУ, првенствено Србија, БиХ, а со тоа и Република Српска.
Угледниот магазин „Њузвик“ директно праша: „дали со оваа турнеја ноќните волци не почнуваат сепаратистички конфликти?“.
Дека се работи за ширеење на руското влијание се сложува и Александар Попов, директорот на Центарот за регионализам. Тој вели дека „со оглед на тоа со кого волците имаат средби и според нивниот настап, нивното доаѓање на Балканот може да се протолкува како обединување на утрадесничарските сили на овие простори“.
„Во ситуација кога регионот е растргнат меѓу Западот и Истокот, ова може да биде уште еден во низата потези за враќање на Русија на овие простори, уште еден сегмент на политиката во која патриотските сили се поврзуваат врз база на православие, словенски дух и сентиментални чувства на луѓето. Не сум сигурен дали таа турнеја е безбедносна закана, но може да се сфати како демонстрација на нешто што може да се случи во иднина“, коментираше Попов за време на балканското гостување на „волците“.
Ширење на руската култура или на руската политика?
На новирските прашања за односот на руските „Ноќни волци“ кон Западот и западната политика, но и кон руската власт, нивниот водач Александар Залдостанов - Хирургот, кој се претставува и како личен пријател на Путин, речиси секогаш го кажува истото:
"Единствениот одговор кој можеме да им го дадеме на нашите непријатели е нашата солидарност со претседателот на Русија и нашето единство. Ќе продолжиме да се бориме за слобода, за ослободување од американската демократија".
Претставникот на „Ноќните волци“ кој ја предводеше балканската турнеја негира политика во нивната посета на Балканот.
„Нас не интересира српската култура, црногорска култура и другите култури. Имаме желба и задача да ја покажеме руската култура и да најдеме некои корени на влијание од балканската култура врз руската култура и традиција и обратно.“, изјави Евгениј Строгов за време на турнејата.
Ленин Јовановски: Нема политика
Македонија не беше дел од турнејата „Руски Балкан“, иако „Ноќните волци“ имаат свој огранок и во Македонија. Ги предводи Ленин Јовановски, бизнисмен по професија, патриот по убедување. Возел мотор до мотор и со Хирургот и со Путин.
„Не постои ниту еден факт кој покажува дека Ноќните волци шират политика, а особено дека шират руско политичко влијание наспроти НАТО и ЕУ, кои се стратешки определби на Македонија. Нас можат да не видат со народот, на хуманитарни настани, на културни настани, на настани кои се од наш интерес, од интерес на Ноќните волци. Ние имаме кодекс според кој не смее да се членува во политичка партија, кој има многу прецизни правила, а тие правила се далеку од политиката“, вели Јовановски за Слободна Европа.
Тој тврди и дека нема политика и во односот Путин - „Ноќни волци“, а дека политичките ставови на поединци се исклучиво индивидуални, а не на нивната организација.
„Ноќните волци постојат уште од 1989 година, што значи уште пред појавувањето на Путин на политичката сцена. Сите ние во Ноќните волци функционираме и како индивидуи, имаме семејства, се грижиме за нив. Ставовите на членовите, па дури биле и политички, се исклучиво нивни лични, индивидуални ставови, а не ставови на целиот интернационален моторџиски клуб“, појаснува Јовановски.
Јовановски додава дека нив со Русија ги спојуваат традицијата, културата, уметничките вредности, историските придобивки, а за коментарите дека Ноќните волци се дел од руската стратегија за ширење на анти-западната политика на Кремљ вели дека „се креација на висока политика и за нечии додворувачки интереси“.
Путиновиот Супермен на мотор
Најмаркантна фигура на „Ноќните волци“ е нивниот лидер Александар Залдостанов. Тој е угледен московски орален хирург, по што го добил и прекарот Хирург, и личен пријател на претседателот Путин. За западните медиуми и аналитичари тој е „путиновиот Супермен на мотор“ кој од 2014 година е на црната листа на САД поради „неговите врски и активности со сепаратистите во Украина“.
Но, за Русите тој е романтичен патриот кој младите моторџии ги извлекол од маргините на општеството и станал своевиден симбол на модерна Русија. Кога медиумите пишуваат за Хирургот речиси секогаш потсетуваат на неговата изјава:
„Единствениот одговор кој можеме да им го дадеме на нашите непријатели е нашата солидарност со претседателот на Русија и нашето единство. И понатаму ќе се бориме за слобода, за слобода од американската демократија“.
Про-путинизам и Лудиот Макс
Голем интерес за руските „Ноќни волци“ покажа и британски „Гардијан“, кој заедно со режисерите Џек Лош и Себастијан Рабас, сними документарен филм за нив. Филмската екипа поминала една недела во базата на овие мотоџии која е сместена во градот Луханск на анектираниот Крим, центарот на самопрогласената Народна Република Луханск.
Главните актери на документарецот „Бунтовници со причина“ и самите сведочат зошто дошле во кампот во Луханск. Меѓу нив е и заменикот на Хирургот - Денис Кузнецов, кој за Западот во документарниот филм на „Гардијан“ вели:
„Распадот на Советскиот Сојуз беше голема грешка. Тоа беше најмоќното царство на светот, а се распадна без испукан куршум. Се изгубивме, а за возврат добивме фармерки, гуми за џвакање и Мекдоналдс“.
Според еден од режисерите на документарецот, Џек Лош, за „волците“ вели дека се „комбинација на патриотизам, про-путинизам и православие измешано со постиндустриска естетика на Лудиот Макс“.
И руската опозиција има сличен коментар. Според неа, облеката и музиката која ја слушаат овие моторџии останале исти, но нивната идеологија мутирала и од анти-советска станала руско-ултранационалистичка.
Лош: Многумина од нив убивале украински војници
„Почнаа како моторџии кои слушаат западна музика, а денес се дел од шоуто на Путин и негови најверни мисионери. Нивната експанзија во источна Украина, всушност е, како што велат, само една од работите кои мораат да ги завршат за татковината. Членовите на Ноќните волци се важен фактор во војната во Украина, а ние ги снимивме како поминуваат воена обука во својата база. Многумина од моторџиите кои ги затекнавме во базата имаа искуства од првите борбени линии. Многу членови на групата и загинале на боиштата, но многумина од нив и убивале украински војници“, тврди режисерот Лош.
„Според моите сознанија ниеден член на Ноќните волци не отишол на Крим за да учествува во конфликтот. Таму има членови кои таму живеат, чии семејства живеат таму, и тие ако виделе дека нивните семејства се загрозени од одредени групи, од украинските сили, тие застанале во одбрана на своите семејства. Ноќните волци од Македонија не учествуваат во тој конфликт, ниту пак сме добиле покана за такво нешто. А и да добиеме секако нема да ја прифатиме, бидејќи ние немаме никаков интерес таму“, вели Јовановски.
Финансиерот на чело на колоната?
Рускиот претседател Владимир Путин и самиот е голем љубител на моторите. Тој е чест гостин на парадите на „Ноќните волци“, често вози на чело на моторџиската колона и речиси секогаш држи говори на моторџиските собири кои се поздравени со скандирања и долги аплаузи.
Според неколку медиуми во регионот, последната турнеја „Руски Балкан“ е финансирана од путиновата администрација, односно од руското Министерство за култура. Тој податок стои и на плакатите и флаерите за рутата „Руски Балкан“.
И според руската опозиција, постојат непотврдени информации дека Путин финансира голем дел од активностите на „Ноќните волци“, бидејќи исполнуваат „важен дел од неговата агенда“.