Министерката за образование и наука Рената Дескоска изјави дека амандманите од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за предлог законот за високо образоавние ниту се суштински, ниту пак можат да значат подобрување на текстот. Дополни дека некои од нив се неразбирливи, неприменливи и конфузни зашто имаат и технички грешки во формулациите
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе 17 амандмани на Предлог-законот за високо образование кој денеска беше разгледуван во второ читање на собраниската Комисија за образование, наука и спорт.
Меѓу амандманите кои ги предлагаат се зголемување на буџетот предвиден за финансирање на универзитетите и самостојните високи стручни школи.
"Интересно е ВМРО-ДПМНЕ да предлага амнадман за коефициент на плати на професорите, а во нивно време, повеќе од десет години владеење, не направија ништо да се подобри статусот на професорите и оставија огромни буџетски долгови", рече Дескоска.
Пoсочи дека една од новините на Предлог-законот е режиските трошоците на факултетите да се плаќаат од буџетот и дека за плаќање на сметките сите факултети ќе имаат еднаков третман без да бидат дискриминирани како порано кога, како што рече, „државата за некои беше мајка за некои маќеа“.
Во однос на изградбата на Студентски град рече дека во програмата го имаат предвид, но во моментот се фокусирани на намирување на долговите на студентските домови.
###