Секоја петта бремена Ромка е малолетна

Ромките од Шуто Оризари и годинава се уште се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до основни здравствени услуги за репродуктивно здравје, потсетуваат од Иницијативата на жени од Шуто Оризари, по повод Меѓународниот ден на Ромите, 8 април. А тоа, велат од Иницијативата се потврдува и со загрижувачките податоци за бројот на малолетнички бремености меѓу Ромките.

Нивното теренско истражување покажало дека 20 отсто од бремените Ромки во Шуто Оризари се малолетни, односно дека секоја петта бремена Ромка е малолетна.

Истото истражување покажа дека дури 82 отсто од Ромките од Шуто Оризари го платиле прегледот кај матичниот гинеколог иако според прописите од областа на здравствената заштита, оваа услуга им следува бесплатно.

Од Иницијативата бараат одговорните институции да изнајдат решение за нотираните проблеми со кои се соочуваат Ромките.