Премиерот Зоран Заев вели дека нема да има дипломатски булдожери меѓу Македонија и Грција за спорот за името. Тој во интервју за МИА вели дека за решение вреди да се жртвува и политичката кариера. Премиерот најавува средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, а ја потврди и средбата на 12 април меѓу министрите Никола Димитров и Никос Коѕијас.
„Кога ќе ја слушнете најавата за средба Заев и Ципрас да знаете дека сме тука со достоинственото решение за државата“, порачува премиерот .
Тој вели дека знае на кого да му се заблагодари во Владата, во врска со најавената реконструкција. Заев додава дека за него е сосема логично некој што не може да испорача резултати да биде разрешен или сам да се повлече.
Прашан дали ова проветрување ќе важи и за најголемиот коалициски партнер зашто има многу забелешки што се упатуваат на таа адреса, затоа што, пред се, оттаму се очекуваа нови луѓе, премиерот во интервјуто излегува со ставот дека ДУИ понуди луѓе кои не беа во претходната власт, луѓе кои даваа надеж дека ќе се работи.
Тој вели дека лоцирале каде и што е нефункционално во системот. Според Заев лоцирани се блокирани институции кои се нефункционални, поради постоечки законски решенија. Таа се решава со реформи, вели премиерот. Реформите се тешки, но неопходни, вели тој.
Во одговор на речиси секојдневните напади од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека во Владата има „многу политика, малку економија“, дека земјата е изложена на „економско цунами“ на депресија и на нови задолжувања“, премиерот Заев објаснува дека за некои работи се согласува со Мицковски, особено во делот на реформите. Вели дека со него се договориле и мисли дека може да најдат заеднички прифатливи решенија за прашањата од национален интерес. Но, како што вели Мицкоски не се снаоѓа добро кога зборува за економијата, па затоа Заев му нуди лекција на економски план.