Поранешниот каталонски лидер Карлес Пучдемон денеска излезе од притвор во Германија, откако плати кауција од 75 илјади евра. Тој ќе биде на слобода додека се очекува одлуката за негова екстрадиција во Шпанија. Пучдемон ќе биде проверуван од германската полиција еднаш неделно и му е забрането да ја напушти земјата.
Тој беше во притвор две недели, откако беше уапсен при влез во земјата од Данска. При излегувањето од притворот во Нојмунстер во северна Германија, 55-годишниот Пучдемон им се заблагодари на поддржувачите „ширум светот“.
Шпанија го обвинува за бунт и злоупотреба на јавни средства за организирање на неодобрениот референдум за независност на Каталонија во октомври 2017 година.
На 5 април германскиот суд го отфрли барањето за екстрадиција поради бунт, но соопшти дека екстрадицијата е можна за обвинувањата за злоупотреба на средства.
Пучдемон ја напушти Шпанија пред пет месеци и отиде во Белгија.