Унгарскиот премиер Орбан пред трет мандат

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Орбан преку мигрантите до трет премиерски мандат

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се фокусираше врз една порака до гласачите пред изборите в недела. Само трет последователен мандат за неговата партија Фидес во владата може да и ја гарантира безбедноста на земјата со оглед на опасноста од мигрантите.

Мигрантската тема е на врвот на агендата на Орбан од 2015 година, кога Унгарија неколку месеци беше влезна врата кон Европската унија за околу 400 илјади мигранти на нивниот пат кон Германија и другите западноевропски дестинации.

Антимигрантската реторика на Орбан вклучува и предупредувања до Унгарија и Европа дека ќе ги загубат христијански идентитет и култура ако муслиманските мигранти и натаму доаѓаат во голем број.

Владиниот портпарол Золтан Ковач вели:

„Па,навистина верувам дека најжешката централна тема за актуелната кампања, и домашно, а ако сакате, и на меѓународната сцена, е илегалната миграција и прашањата поврзани со миграцијата“.

Орбан, исто така, го искористи прашањето на миграцијата во кампањата да застане и против Брисел, унгарските невладини организации кои делумно се финансирани од унгарско-американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, а од неодамна, и Обединетите нации.

Орбан вели дека сите тие работат на миграцијата и глобализацијата, со цел да бидат нарушени националните вредности на Унгарија.

Според Орбан, владата има листа на 2.000 луѓе кои „се платени да работат на соборување на владата и да ја трансформираат Унгарија во земја на имигранти“.

Џерџели Караксони, кандидат за премиер на левичарската коалиција ги отфрла овие обвинувања.

„Унгарското лево крило забележува дека постои гранична ограда и дека големо мнозинство од унгарското општество не може да ги поддржи задолжителните квоти за преселување“.

Наместо тоа, Караксони и другите лидери на опозицијата се фокусираа врз сиромаштијата, корупцијата, концентрацијата на власта и други прашања.

Сепак, голем проблем е тоа што опозицијата останува длабоко разединета, иако има неколку договори меѓу опозициските партии за координирање во некои гласачки окрузи.

Балаш Боцкеи, политички аналитичар во Институтот ИДЕА, вели:

„Се додека опозицијата е во фрагментирана состојба, поделена, и гласовите се расфрлани, оваа кампања за мигрантите е доволна за да се задржи гласачката база обединета, да се задржи мобилизирана за владата“.