Во време кога некои општини размислуваат да изградат споменик во знак на благодарност на американската компанија која нуди вработувања на наши граѓани во Авганистан, други сè уште немаат канализација и патишта. Една од нив е општината Желино. Првиот човек на оваа локална самоуправа Блерим Сејдиу вели дека општината има долг од два милиони евра, а локалната каса е празна.
„Имаме премногу инфраструктурни проблеми, со водоснабдувањето имаме проблем, нема канализација, туризмот не е воопшто промовиран, нема ниту еден парк, замислете, а имаме 30 илјади жители. Невработеноста е доста висока. Должиме премногу, сметката сè уште не е блокирана, правиме некакви договори и со помош на рати ги отплаќаме“, вели градоначалникот Сејдиу.
Сејдиу се надева на добра соработка со централната власт. Бара таа да им подмири барем половина од долговите за да може да се фокусираат врз проектите кои се приоритетни за Желино.
Слични проблеми има и Росоман, една од помалите рурални општини во централниот дел на Македонија. Нејзиниот градоначалник Бранко Јанев вели дека сметката на општината не е блокирана, но недостасуваат многу средства за да се преземат конкретни активности.
„Буџетот ни е околу 70, 80 милиони денари, но тоа се малку пари за преземање конкретни активности. На пример за асфалтирање на еден локален пат, односно за реализација на неговата завршна фаза, требаат некаде околу 30 милиони денари. Ако тој буџет го споредиме со сумата за завршување на тој локален пат, половина од буџетските средства би отишле само за да се заврши патот. Иако знаеме дека другата половина од буџетските средства одат кај училиштата и градинките“, вели Јанев.
Јанев вели дека водоснабдувањето, квалитетот на водата за пиење, немање на соодветна канализација, се најчестите проблеми на населените места околу општината. Еден од проблемите на Росоман е и немање урбанистичка планска документација, што според градоначалникот прави проблеми при заинтересираните инвеститори и евентуалната натамошна постапка за легализација на тие објекти.
Нашите соговорници се оптимисти дека централната власт ќе им ја даде финансиска помош за одредени проекти кои имаат за цел да го подобрат животот на граѓаните. Велат дека аплицираат во различни институции кои поддржуваат проекти за развој на руралните средини и се надеваат на добри вести.
Руралните општини неодамна побараа повеќе пари за нив од Програмата за рурален развој, но и поголема транспарентност при спроведување на мерките од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Општините до ЗЕЛС бараат и укинување на ДДВ-то за проектите со кои аплицираат за средства од агенцијата. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, вети дека ќе им помогне.
„Во наредниот период владата на некој начин со платежната агенција ќе го дефинира обемот преку кој ќе ги поддржиме општините, секако тоа транспарентно ќе биде објавено во самиот процес на објавување на мерките“, рече Николовски.
Од следната година руралните општини за прв пат ќе можат да аплицираат и за парите од ИПАРД програмата за да ја подобрат инфраструктурата.