Премиерот Зоран Заев денеска на одбележувањето на Денот на НАТО рече дека местото на Македонија е во НАТО и дека се одлучни во намерата земјава да биде следната 30.членка на Алијансата.
„Вреднувајте ги нашите напори и помогнете ни да го добиеме заслуженото место – полноправна членка на НАТО, рамо до рамо со вас и на масата на Алијансата, каде што припаѓаме, како држава и како граѓани на Република Македонија“, рече Заев.
Тој нагласи дека со предолго чекање пред вратите на Алијансата се појавуваат несакани последици за сите партнери, независно дали се држави членки на НАТО или не.
„2018 година може да биде историска година за Македонија, ако нашата држава ја добие посакуваната покана за НАТО, како и датум за почеток на преговори со ЕУ. Во тој случај ќе биде и година за паметење и за НАТО и за ЕУ, затоа што евро - атлантските интеграции на Република Македонија и на регионот се придонес кон стабилноста и безбедноста, и отвораат можности за економски развој”, рече Заев.