Собир пред Руската амбасада во Скопје за поддршка на протераниот дипломат

Рускиот амбасадор во Скопје, Олег Шчербак, на протести за поддршка на протераниот руски дипломат

Педесетина граѓани и членови на партијата Единствена Македонија попладнево организираа граѓански собир пред Амбасадата на Русија во Скопје за да му искажат поддршка на рускиот дипломат кој беше протеран од Македонија со одлука на македонското МНР, а во врска со случајот со труењето на агентот Скрипал.

На собирот обраќање имаше претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, кој рече дека „Македонија не сака во НАТО“, туку дека сака да влезе во Евроазиската унија на Русија.

„Овој најавен сојуз на Македонија со Русија никој не може да го запре“, рече Бачев.

Рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак, ги пречека учесниците на протестот пред амбасадата и им се заблагодари на поддршката.

Претседателот на здружението „Тврдокорни“, Драги Угриновски, ги повика сите македонски патриотски организации да ѝ се приклучат на партијата Единствена Македонија на Јанко Бачев, која е пандан на путиновата Единствена Русија.