Ердоган и Нетанјаху со меѓусебни навреди за насилствата во Газа

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ердоган и Нетанјаху разменија навреди за насилствата во Газа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху разменија навреди околу најновите судири на границата со Газа во кои загинаа најмалку 15 палестинци.

Ердоган, говорејќи на митингот на неговата владејачка партија во јужната провинција Адана, го осуди изреалскиот воен одговор на демонстрациите на границата, нарекувајќи го Нетанјаху за терорист.

„Еј, Нетанјаху, ние не се срамиме да напаѓаме. Вие сте окупатор. Ги заземате тие земји како окупатор, а во исто време, вие сте терорист“.

Тој исто така за Израел рече дека била терористичка држава поради она што го прави во Газа и во Ерусалим, додавајќи:

„Никој навистина не ве сака на овој свет“.

Претходно Нетанјаху го нарече Ердоган за човек кој бомбардира курдски села во Сирија, односно дека Турција со години неселективно бомбардира цивилното население.

Војната со зборови меѓу нив почна откако израелските сили во петокот отворија оган врз демонстрантите на границата со Газа на 30 март.

Хамас, која е доминантната палестинска организација во Газа, соопшти дека петмина од загинатите биле членови на нејзиното вооружено крило.

Израел пак соопшти дека станува збор за осумина припадници на Хамас, додека преостантите биле од други, како што е наведено, терористички групи.

Израелскиот министер за одбрана Авигдор Либерман ги отфрли повиците за истрага за овие настани, наведувајќи дека израелските војници „заслужуваат медал“ за заштита на израелската граница.

Стотици демонстранти ги игнорираа повиците од организаторите на протестот и од израелската армија да се држат подалеку од границата.

Израелската војска соопшти дека некои од оние кои биле застрелани пукале врз нив и го обвини Хамас за „цинично искористување на жените и децата“, испраќајќи ги на граничната ограда.

Портпаролот на Хамас овие наводи ги оцени како „лаги со цел да се оправда масакрот“.