Истражување: Грчкото јавно мислење не е подготвено за решение

Грција.Солун.

Пред две години 57 проценти, а сега 71,5 проценти од Грците не прифаќаат сложено име со вклучен терминот Македонија, покажуваат резултатите од истражувањата од 2016 и 2018 спроведени од фондацијата за надворешна политика ЕЛИАМЕП. Дел од резултатите беа веќе објавени во весникот „Катимерини“ во февруари, како што тогаш објави МИА, додека пак сега, комплетното истражување беше презентирано на конференција во Атина.

На прашањето: „Кое решение би го прифатиле за името на соседната земја?“ во истражувањето спроведено во јануари годинава 22,5 проценти, одговориле сложено име, 71,5 проценти не прифаќаат име со терминот Македонија, а 6 проценти рекле дека не знаат или одбиле да одговорат.

Јоанис Армаколас, професор на солунскиот универзитет Македонија и шеф на програмата за југоисточна Европа во грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП, за МИА изјави дека временскиот период во кој беше спроведено истражувањето, игра важна улога за добиените резултати , исто како што играат улога и протестите.

" Новото истражување беше во период на преговори, на интензивни консултации. Беше веднаш по протестот во Солун, што значи дека и тоа одигра улога и на некој начин ја гледаме, според моето мислење, вистинската слика.", вели Армаколас кој воедно, на конференцијата во Атина ги презентираше резултатите.