Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил напиша дека на 27 април минатата година бил со народот, со луѓето кои протестираа и кои, како што пишува, со право биле загрижени за иднината на Македонија.
Тој во својот пост упатен до премиерот Зоран Заев, порачува две работи: прво, како што пишува, власта не можела толку да украде и да урне, колку што може ВМРО-ДПМНЕ да изгради и да реализира.
„ВМРО-ДПМНЕ на секоја ваша неправда, на секој ваш удар, станува посилен, постабилен, поголем“, пишува Мицкоски.
А второ, како што пишува, следниот пат кога ќе има собир на незадоволни од оваа власт, тој повторно ќе биде на страната на народот.
Тој реагира на објавените фотографии од подмладокот на СДСМ на кои неговиот лик е заокружен пред Собранието на 27 април.
По објавата на Мицкоски, од СДСМ реагираа дека тој признава дека учествувал во насилството од 27 април. Од владејчката партија велат дека тој нема капацитет да ги надмине деструктивните политики на Груевски.