Од руската амбасада во Скопје на Твитер реагираа и на ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за протераниот руски дипломат од Македонија.
„Москва не била партнер за ВМРО-ДПМНЕ – за разлика од Лондон, Брисел и Вашингтон. Забележителен став“, напишаа од Амбасадата на Твитер.
Николовски претходно во изјава за Алсат М рече дека Македонија мора да биде членка на ЕУ и на НАТО и дека Москва не е партнер на земјата, туку тоа се Брисел, Лондон и Вашингтон.
Откако македонското МНР соопшти дека Македонија одлучи да протера еден руски дипломат, од руската Амбасада на Твитер реагираа дека одговорноста за последиците по одлуката за протерување руски дипломат од Македонија целосно ќе биде на македонска страна.
Руската амбасада смета дека протерувањето нивен дипломат е исклучително непријателски и неоправдан чекор, без преседан во руско-македонските односи.