Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција изјави дека има неколку опции кои се разгледуваат поради непотпишувањето на указот за Законот за употреба на јазиците од страна на претседателот Ѓорѓе Иванов. Според него, целта на Владата е конечно Парламентот да ги знае своите надлежности, како и претседателот.
„Можеме да бидеме две спротивставени страни можеме да бидеме политички различни, но не смее ниту една институција во Македонија да биде блокирана. Од тој аспект ова е извесно решение, пред Уставниот суд да се разграничат надлежностите и да се дадат насоки за разрешување“, рече Заев.
Според него, правниците кои работат во владата и во Собранието работат и на други механизми за решавање на проблемот. Во однос на реконструкцијата на Владата, Заев порача дека преговараат со Турската демократска партија, а потоа ќе разговараат со другите политички партии, пред се со БЕСА, како и останатите опозициски партии и пратеници.