Бугарија соопшти дека денеска го повикала својот амбасадор во Русија на консултации во Софија во врска со нападот врз агентот Сергеј Скрипал со нервен агенс во Британија, за што Лондон ја обвини Москва.
Премиерот на Бугарија Бојко Борисов и бугарскиот амбасадор во Москва, Бојко Коцев, разговарале за нападот на поранешниот двоен шпион Скрипал и неговата ќерка, како и за реакциите во Русија, ЕУ и меѓународната заедница, соопшти владината служба за односи со медиуми.
Ова соопштение означува заострување на ставот на Софија, четири дена откако бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека не планира да го отповика својот дипломатски претставник во Москва.
Борисов во петокот наведе дека и покрај „големата веројатност“ оти Москва стои зад нападот, потребни му се повеќе цврсти докази, изразувајќи загриженост дека отповикувањето на амбасадори од ЕУ, дополнително ќе им нашети на односите со Русија.