Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров на денешната прес-конференцијата со неговата австриска колешка Карин Кнајсл изјави дека одлуката за протерување на рускиот дипломат од земјата ја донеле по внимателно размислување и анализа и поради две причини.
Првата, како што посочи тој е да се покаже солидарност со Британија, поради труење со хемиско оружје на поранешниот руски двоен агент. Втората, според него, е бидејќи протераниот дипломат излегол од својот мандат.
„Се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија. Но, должни сме да го заштитиме идентитетот на дипломатот и ќе биде штетно да се шпекулира. Нашите сознанија се потпираат врз цврсти докази и немаме дилеми околу тоа“, рече Димитров.
Тој порача и дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.