Македонија одлучи да протера еден руски дипломат, поради случајот Скрипал, информира МНР.
Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.
МНР наведува дека протерувањето е во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.
„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението од МНР.
Претходно денеска, САД, Канада, Украина и 14 земји-членки на ЕУ најавија протерување руски дипломати. Руските власти најавија одговор на реципрочен начин.
Поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија беа отруени со нервен гас во британскиот град Салсбери на почетокот на месецов. Западот ја обвинува Русија дека стои зад нападот. Москва негира вмешаност.