Македонија се приклучи во протерувањето руски дипломати, Москва најавува одговор

Знамето на Британија и на Русија, илустрација

Македонија, во ист ден со САД, 14 земји членки на ЕУ, како и Канада и Украина, најави протерување на руски дипломати поради нападот со нервен гас на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во британскиот град Салсбери. Руските власти најавија одговор на реципрочен начин.

Македонија одлучи да протера еден руски дипломат, поради случајот Скрипал, информира МНР.

Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена „во тесна консултација со нашите сојузници и партнери од ЕУ и НАТО и во солидарност со Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска“.

МНР наведува дека протерувањето е во согласност со член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година.

„Користењето на воено хемиско оружје е во спротивност со Меѓународното право и тоа влијае на безбедноста на сите земји“, се наведува во соопштението од МНР.

Британскиот амбасадор Чарлс Гарет ја поздрави одлуката.

Руската амбасада во Македонија, пак, реагира дека одговорноста за последиците по одлуката за протерување руски дипломат од Македонија целосно ќе биде на македонска страна.

Руската амбасада смета дека протерувањето нивен дипломат е исклучително непријателски и неоправдан чекор, без преседан во руско-македонските односи.

Претходно, САД, Канада, 14 земји членки на ЕУ, како и Украина соопштија дека донеле одлука да протераат руски дипломати во знак на солидарност со Британија. Причината за таквиот чекор е нападот со нервен гас на поранешниот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во британскиот град Салсбери.

Американскиот претседател Доналд Трамп наредил протерување на околу 60 руски дипломати од земјата и го затворил рускиот конзулат во Сиетл.

САД ја преземаат оваа мерка во согласност со НАТО сојузниците и партнерите низ светот како одговор на употребата на хемиско оружје од страна на Русија на територијата на Британија, што претставува последниот чекор во нејзиниот план за дестабилизација на светот“, соопштија од Белата куќа.

Според американските власти, меѓу протераните лица се и 12 руски разузнавачи од мисијата на земјата во седиштето на ОН во Њујорк, бидејќи, како што наведуваат, нивните активности биле агресивни.

Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск најави дека 14 земји-членки исто така донеле одлука да протераат руски дипломати.

Дополнителни мерки, како и понатамошни санкции во согласност со рамката на ЕУ, не може да бидат исклучени во наредните денови и недели“, рече Туск за време на прес-конференцијата во бугарскиот град Варна.

Меѓу земјите кои најавија протерување на руски дипломати се Германија, Чешка, Данска, Франција, Летонија, Литванија, Холандија и Полска. Лидерите на ЕУ минатата недела соопштија дека доказите за руската вмешаност во нападот презентирани од британската премиерка Тереза Меј се солидна основа за преземање мерки.

Според Руското министерство за надворешни работи, станува збор за непријателски акт. Според соопштението, протерувањето на руските дипломати нема да помогне во пронаоѓањето на одговорните за нападот на Скрипал и неговата ќерка. Министерството ги обвини сојузниците на Британија дека слепо го следат принципот на евроатланското единство на сметка на здравиот разум.

„Евидентно е дека овој непријателски чекор од оваа група земји нема да помине без трага, и ние ќе реагираме“, соопштија од руското МНР.

Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков порача дека протерувањето на руските дипломати е грешка и најави дека Русија ќе возврати на реципрочен начин. Крајната одлука, како што наведе, ќе ја донесе рускиот претседател Владимир Путин.

Украина која не е земја членка на ЕУ најави дека ќе протера 13 руски дипломати.