Партиите кои учествуваат во работата на Советот на Општина Тетово речиси шест месеци по локалните избори не успеаа да изберат претседател, иако ставовите ги усогласија кога требаше да се донесе буџетот за 2018 година. Сега веќе и се наметнува прашањето дали повторно ќе има гласање за советници, со оглед на наближување на рокот до кога треба да биде избран првиот човек да ги води седниците. Градоначалничката Теута Арифи, која доаѓа од ДУИ, како најбројна партија во Советот е оптимист и смета дека во последните денови тоа ќе се реализира.
„Мислам дека рокот и онака полека притиска. Пред 31 март ќе има претседател“, смета Арифи.
Освен претседател, нема ни соодветни комисии, па ограничено е дејствувањето на локалната самоуправа во надминувањето на градските проблеми. Со тоа изостанува подобрувањето на квалитетот на животот во Тетово, вели Александар Велјановски советник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Од непознати причини за нас, не се свикува седница на која што би избрале претседател на Советот кој што би овозможил нормално функционирање на Советот, како и на комисиите во Општината. Сè со цел да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните. Затоа што мораме да констатираме дека проблемите остануваат и се наталожуваат“, рече Велјановски.
Поранешниот советник Драган Давидовски, кој пет пати бил член на Советот, вели политичките недоразбирања често пати и во минатото биле пречка за нормалното функционирање на локалната самоуправа. Итниот договор би значел решение за многу проблеми и тековни ситуации, вели тој.
„Сметам дека се големи политички игри. Но исто така сметам дека тоа не е во ред, не е добро. Што поскоро се одблокира работата на Советот, тоа подобро за општина Тетово и за граѓаните. Лично би им порачал на сите политички чинители - Побрзо да седнат и да се реши овој проблем. Треба да го надминат нивниот анимозитет помеѓу себе. На крајот од краиштата, повторно ќе седнат, само што ќе се изгуби голем дел од времето, неколку месеци. Советот е во застој, нема комисии, матични тела не работат. Треба да се донесат програмите за работење во делот на образованието, во делот на инфраструктурата. Именувања, разрешувања во јавни претпријатија и така натаму. Тоа е комплексен проблем“, изјави Давидовски.
На една од седниците се избра претседател по што општинската администрација поништи одлуката со образложение дека е незаконска. Изборот беше направен без доволен број гласови.