Руската закана кон Македонија треба сериозно да се разбере

Илустрација

Предупредувањето од руското МНР до Македонија поради нејзината евроатлантска определба мора да се сфати сериозно, имајќи предвид што се случуваше во Црна Гора пред да влезе во НАТО и кога Москва го засили притисокот врз Подгорица за да ја врати од таа намера, предупредуваат експертите

Предупредувањето од руското МНР дека македонското зачленување во НАТО може да предизвика негативни последици врз регионалната безбедност и билатералните односи е продолжение на руското незадоволство од ширењето на НАТО, се сложуваат голем дел од македонските аналитичари.

Дел од нив сметаат дека се работи само за политичка реторика, но дел велат дека ова е сериозна закана од Русија, ако се имаат предвид случувањата во Црна Гора пред нејзиното зачленување во Алијансата, а кои кулминираа со отворање на истрага за заговор за атентат врз Мило Ѓукановиќ и неофицијалните обвинувањата дека Русија стои зад сето тоа.

Според соопштението на руското МНР, на средбата на заменикот-министер за надворешни работи на Русија, Александар Грушко со македонскиот амбасадор во Москва Гоце Карајанов, руската страна предупредила дека „плановите за членство на Македонија во НАТО може да имаат негативни последици врз регионалната безбедност и билатералните односи“.

Илија Џугуманов од Евро-атланстскиот совет на Македонија смета дека сериозноста на предупредувањето до македонија се гледа и од тоа што тоа доаѓа од висок функционер на Русија, и дека не посакува, но и не очекува случувања од типот на оние во Црна Гора.

„Имаше многу лоши случаи во Црна Гора пред зачленувањето во НАТО и самата реакција на Русија дека таа има одредени права да преземе одмазнички мерки врз основа на реципроцитет укажуваат на тоа, но не верувам дека во Македонија може да се случи нешто толку сериозно“, вели Џугуманов.

Според него, Русија не е инфилтрирана во македонското општество толку многу како во Црна Гора, за да може да се случи црногорско сценарио, но оти тоа не значи дека треба да игнорира изјавата на Грушко. Напротив, велат тие, мора крајно сериозно да ѝ се пристапи.

Изјавата на Грушко треба да ја поттикне Македонија

Сериозноста на предупредувањето од руското МНР ја нагласува и Зоран Нечев од Институтот за демократија во Скопје, иако смета дека македонските планови за членство во НАТО и самото зачленување во Алијансата во регионот ќе предизвикаат сосема спротивен ефект од она што го вели вториот човек на руската дипломатија, Грушко.

„Изјавата на Груко ја гледам во контекст на континуираното незадоволство на Русија од ширењето на НАТО со земјите од Западниот Балкан и губењето на руското влијание и на нејзината можност за мешање. Претходно тоа беше случај со Црна Гора, а доколку се реши спорот со Грција, тоа ќе биде случај и со Македонија. Не гледам вистинска сериозна закана по регионот со македонското членство во НАТО. Напротив, тоа директно ќе влијае на обезбедување на стабилноста на регионот“, вели Нечев.

Тој смета дека секоја изјава од ваков тип, особено ако доаѓа од висок претставник на Руската федерација, треба да се гледа низ се поголемата потреба од решавањето на билатералните проблеми и се поголемата потреба од враќање на Македонија на зацртаниот евроатлантски пат.

„Со тоа ќе се намали маневарскиот простор на Русија и на некои други земји да вршат влијание врз Македонија за да ја тргнат од евроатлантскиот курс“, додава Нечев.

Само на кратко ќе се влошат македонско-руските односи

Аналитичарите се сложуваат дека билатерaлните односи меѓу Македонија и соседите не можат да се влошат, туку дека може да има влошување само на македонско-руските односи.

„Што се однесува до билатералните односи, и политички и економски, евентуално можат да се влошат меѓу Скопје и Москва, но на краток рок, но и двете страни се свесни дека тоа е единствениот пат кој го одбрала Македонија“, вели Нечев.

На соопштението на руското МНР, реагираше премиерот на македонската Влада, Зоран Заев, кој рече дека интеграцијата на Македонија во Алијансата е стратешка определба.

„Уште од 1993 година, со заедничка декларација во Парламентот, Македонија ги има потврдено своите стратешки приоритети. Тоа е членството во ЕУ и НАТО, што не е спротивно со унапредувањето на соработката со Русија, кое исто така е стратешка цел на Македонија“, изјави Заев.

На средбата на Грушко и Карајанов била наведена подготвеност на двете држави да продолжат со соработка во областите од заеднички интерес и ја истакнале важноста од продолжување на работата на руско-македонската меѓувладина комисија за трговија, економија, наука и технологија.