Владата со 16, 5 милиони евра ќе стумулира програми и мерки за вработување на млади оваа година. Околу 20 милиони евра ќе се одвојат за подобрување на образованието, 1, 3 милиони евра ќе се одвојат за подобрување на условите во ученичките и студентските домови, соопшти премиерот Зоран Заев по тематската владина седница за младински политики. Тој изјави и дека се планирани 11 милиони евра за зајакнување на студентскиот стандард, а за капитални инвестиции во образованието ќе се одвојат 35 милиони евра.
„Отпочнавме процеси за финансиска поддршка за технолошки развој на компаниите и покривање со 30 отсто од трошоците со кои ќе се стимулира обука и стручно усовршување на нововработени млади луѓе“, рече Заев.
На тематската седница учествуваа претставници на младински организации.
Извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова, изјави дека тие биле фокусирани на правото на учество на средношколците и на студентите. МОФ, заедно со „Сега“ и „Меѓаши“, побарале средношколците да добијат законско право да се самоорганизираат во училишни заедници и да им се слуша гласот.
За сите политики да бидат една логична целина потребна е стратегија за млади, вели таа.
„Македонија има стратегија, но таа е за подолг период и не ги опфаќа сите значајни прашања и се спомена и важноста за нејзино усогласување и ревидирање за да ги исполни сегашните стандарди“, вели Костуранова.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски вели дека завршило времето кога од младите се очекувало само да бидат дел од спроведување на овие мерки, напротив, вели тој, доаѓа времето кога младите директно ќе бидат вклучени во креирањето и во имплементација на мерките кои се во нивен интерес.
Претседателот на Националниот младински совет, Блажен Малески вели дека на младите не е само иднината, туку и сегашноста, а тоа значи, вели тој, да се вклучат во работите што се случуваат.
„Она што ние како младински совет го зборувавме е креирање на механизми за вклучување на младите во донесување на одлуки, не само преку консултациски процеси, туку повеќе преку креирање и предлагање од страна на младите и заедно дебатирање со носителите на одлуки“, вели тој.
На седницата било договорено да се формираат неколку работни групи за младински политики - група за координација меѓу младите и институции, групи за признавање и препознавање на младинската работа, за сексуално образование, за средношколско и за студентско организирање, работна група за мапирање на зелени работни места за младите и група која ќе работи за ресоцијализација на корисници на психоактивни супстанци. Владата ги задолжила овие работни групи во рок од 30 дена да достават план програма и предлог-политики за понатамошно делување.