Македонија до Грција испрати свој нацрт-договор за името

Министерот за надворешни работи Никола Димитров

Македонија испрати до Грција своја нацрт-спогодба за решавање на 27-годишниот спор за името, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров. Тој рече дека целта е да се најде разумно и достоинствено решение.

Претставник на македонското Министерство за надворешни работи денеска до грчката страна во Атина достави нацрт-договор за решение на спорот за името, којшто беше интензивно подготвуван во изминативе денови, изјави денеска на прес-конференција министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров.

Тој потврди дека во изминативе денови го добиле и грчкиот нацрт-договор, којшто претходно го најави грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас.

Димитров посочи оти со тоа комуникацијата која досега се одвивала во усмен дијалог, сега влегува во фаза во која има и пишани документи меѓу двете земји.

„Убедени сме дека доколку целта е да се најде едно одржливо и достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција, тоа е можно“, изјави Димитров.

Тој на новинарско прашање истакна дека постојат разлики меѓу двете нацрт-спогодби, но оти се надеваат на успех во надминување на тие разлики, ако двете страни мислат на заедничката цел.

Претходно денеска, македонското МНР соопшти дека грчка делегација предводена од министерот за надворешни работи Коѕијас, в четврток ќе пристигне на Меѓународниот аеродром Скопје во официјална посета на земјава.

Исто така денеска од МНР наведоа дека министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас, на 30 март ќе се сретнат во Виена, заедно со посредникот во спорот за името на Обединетите нации, Метју Нимиц.

Димитров рече дека со нетрпение ја очекува посетата на Коѕијас в четврток, кој ќе има активна програма и доста средби во земјава, а оти во Виена ќе ги продолжат разговорите под покровителство на Нимиц.

„Убедени сме дека елементите од нашата нацрт-спогодба и во рамките на тој процес којшто е главен, бидејќи и формално врз основа на Резолуцијата 817 од 1993 година на Советот за безбедност на ОН, овој процес и се води токму за тоа, да се надмине разликата околу името и процесот се води под покровителство на ОН“, рече Димитров.

Грчките медиуми ја пренесоа изјава на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, во која вели дека текстот од грчкиот нацрт-договор го има пратено до Скопје пред повеќе денови.

Коментирајќи ја најавената посета на Коѕијас, македонскиот премиер Зоран Заев вчера изјави дека е оптимист за решение доколку се води сметка за достоинството и идентитетот.

„Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но да се направи исчекор како би се приближувале заради тоа што деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да биде решен овој проблем“, рече Заев.

Во однос на спорот за името, евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар наведе дека преговорите со Грција одат во добра насока, но оти Европската унија нема да се ангажира директно врз процесот.

Исто така, минатата недела, американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, при неговата посета на Скопје изјави дека САД ги поддржуваат напорите на Скопје и на Атина да најдат решение за спорот за разликите за името. Тој истакна дека Македонија направила големи чекори во ангажирањето во преговорите и оти ова е одлична можност за доаѓање до решение.

Коментарите за предлозите и за оптимизам околу решението на 27-годишниот спор за името доаѓаат откако пред десетина дена Скопје и Атина почнаа да разменуваат позаострени изјави.

Тогаш веќе беше најавена посетата на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас, а премиерот Заев во контекст на грчкото барање за промена на македонскиот Устав рече дека тој е подготвен, како што Грција води грижа за Грците надвор од земјата, исто и Македонија да води грижа за Македонците надвор од државата, по што следеа реакции во Грција.

Во меѓувреме шефот на грчката дипломатијата Коѕијас на Владата во Атина и ги претстави клучните точки од нацрт-договорот што ќе и биде доставен на Македонија.

Според грчките медиуми, нацрт-спогодбата има 20 страници со седум точки кои се однесуваат на името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите.