Грција и Македонија си размениле нацрт спогодби за името

Министерот за надворешни работи Никола Димитров

Министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната прес конференција во Владата изјави дека до грчката страна бил доставен нацрт договор од страна на Македонија и дека преговорите сега влегуваат во фаза на размена на пишани документи. Димитров воедно потврди дека ја добиле и нацрт спогодбата испратена од грчкото МНР.

„Убедени сме дека доколку е целта да се најде едно одржливо и едно достоинствено решение за надминување на разликата околу името, да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција, тоа е можно“, рече Димитров.

Тој порача дека по претстојната средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас ќе следат разговорите во Виена со медијаторот на ОН, Метју Нимиц. Според Димитров, убедени се дека насоките од македонската нацрт спогодба ќе бидат корисни во преговорите.

Грчката нацрт спогодба, рече дека е во фаза на анализа и не сакаше да ја коментира нејзината содржина. Но, како што наведе, Димитров, има разлики меѓу двете спогодби и изрази надеж дека ќе успеат истите да ги надминат.