Претседателот на МАНУ, Таки Фити во своето експозе на годишното собрание на академијата апелираше за изнаоѓање заемно прифатливо решение за прашањето за името и ги охрабри властите на Македонија и на Грција да ја преземат одговорноста и храбро да се соочат со реалностите на времето и потребата за градење на перспективи за заедничка иднина.
Според него, аргументацијата на Македонија во разговорите со Грција треба да се базира на два основни постулата, односно дека спорот е билатерално прашање и оти предмет на преговори е името, а не идентитетот.
Оттука, како што истакна Фити, никој нема легитимно право да преговара за прашањето за националниот идентитет на македонскиот народ, за името на македонскиот јазик, за промената на Уставот и за други прашања што навлегуваат во идентитетот.