Министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, заедно со делагација од неговата земја, во четврток и петок ќе оствари официјална посета на Република Македонија, потврдуваат од македонското Министерство за надворешни работи (МНР).
„Грчката делегација предводена од министерот за надворешни работи Коѕијас, во четврток ќе пристигне на Меѓународниот аеродром Скопје“, велат од македонското МНР.
Исто така оттаму наведуваат дека министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, на 30 март ќе се сретнат во Виена, заедно со посредникот во спорот за името на Обединетите Нации, Метју Нимиц.
Грчките медиуми ја пренесоа изјава на министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, во која вели дека до Скопје е испратен текст што ги содржи грчките предлози и агенда за идна соработка. Од МНР велат дека во текот на денот ќе одговорат дали го добиле текстот.
Коѕијас, по советот за надворешни работи на Европската унија во Брисел, одговарајќи на прашањето дали при посетата на Скопје ќе ја однесе и грчката нацрт спогодба, рече дека предлозите од Атина се веќе испратени.
„Да ви дадам нешто ексклузивно. Изработивме текст со нашите предлози во целост како во однос на отворените проблеми што ги имаме со ПЈРМ, така и за идната агенда на соработка што ќе им донесе корист и на двете страни. Овој текст го имам пратено пред повеќе денови во Скопје“, рече шефот на грчката дипломатија во изјава за државната телевизија ЕРТ.
Коментирајќи ја најавената посета на Коѕијас, македонскиот премиер Зоран Заев вчера изјави дека е оптимист за решение доколку се води сметка за достоинството и идентитетот.
„Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но да се направи исчекор како би се приближувале заради тоа што деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да биде решен овој проблем“, рече Заев.
Во однос на спорот за името, евроамбасадорот во Македонија Самуел Жбогар наведе дека преговорите со Грција одат во добра насока, но оти Европската унија нема да се ангажира директно врз процесот.
Исто така, минатата недела, американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, при неговата посета на Скопје изјави дека САД ги поддржуваат напорите на Скопје и на Атина да најдат решение за спорот за разликите за името. Тој истакна дека Македонија направила големи чекори во ангажирањето во преговорите и оти ова е одлична можност за доаѓање до решение.
Коментарите за предлозите и за оптимизам околу решението на 27-годишниот спор за името доаѓаат откако пред десетина дена Скопје и Атина почнаа да разменуваат позаострени изјави.
Тогаш веќе беше најавена посетата на грчкиот шеф на дипломатијата Никос Коѕијас, а премиерот Заев во контекст на грчкото барање за промена на македонскиот Устав рече дека тој е подготвен, како што Грција води грижа за Грците надвор од земјата, исто и Македонија да води грижа за Македонците надвор од државата, по што следеа реакции во Грција.
Во меѓувреме шефот на грчката дипломатијата Коѕијас на Владата во Атина и ги претстави клучните точки од нацрт-договорот што ќе и биде доставен на Македонија.
Според грчките медиуми, нацрт-спогодбата има 20 страници со седум точки кои се однесуваат на името, опсегот на употреба, јазикот, идентитетот, трговските употреби, кратенките и акронимите.