Зошто нема лекови по 15-ти во месецот?

Аптека - архива

Граѓаните велат дека лековите се скапи и недостапни. Фондот недостигот на лекови го припишува врз неконтролирано издавање рецепти. Официјално во 2017 биле издадени 23 милиони рецепти се издадени во 2017 година.

По недостигот на лекови во аптеките, од Фондот најавија зголемување на квотите на лекови препишани на рецепт, но моментално некои граѓаните реагираат дека и натаму одат од аптека во аптека, барајќи го лекот за кој добиле рецепт од матичниот лекар.

Многу граѓаните овој и изминатиот месец се жалеа дека состојбата е критична и дека на средина на месецот речиси и да немаше антибиотици, а некои лекови ги немаше уште од почеток на месец. Тие исто така се незадоволни дека лековите кои не се на позитивната листа се скапи, а значителен дел од граѓаните кои не може да ги најдат лековите кои се на позитивната листа во меѓувреме ги купуваат.

„Баш одам по лекови влези во аптека што е работата не знам, нема ништо, пет аптеки поминувам нема и викаат чекај после први нема лекови, а оди во приватните аптеки има, ама малку се поскапи.“

„Тие што не одат на рецепт сите се скапи. Ја месечно плаќам за мене и бабата приватно, плаќам четири илјади за лекови“, велат дел од граѓаните.

Проблемот со недостиг на лекови е хроничен во македонското здравство.

Матичните лекари реагираа дека во изминатиот период состојбата била многу лоша. Тие укажуваа дека телефонски се јавувале по аптеките за да прашаат кои лекови ги имаат на рецепт за потоа да им пропишуваат терапија на пациентите. Според нив изминатиот период состојбата била алармантна, бидејќи поголем дел од граѓаните немаат пари приватно да ги купат лековите и по неколку пати доаѓале во лекарските ординации по друга терапија. Но од Фондот за здравство проблемот го препишуваат на злоупотреби на лекарствата.

Доктор Илбер Бесими, претставник на Лекарската Комората во Фондот за здравствено осигурување вели дека проблемот се провлекува години наназад поради притисок врз матичните лекари од пациентите кои барале да им препишуваат големи количини лекови.

Официјален податок е дека 23 милиони рецепти се препишано во 2017 година. Тоа е резултат на долгогодишно мнение на населението дека нема да има лекови, дека ќе се потрошат квотите и ќе има недостаток и вршат притисок врз лекарите, а тие прават залихи“, изјави доктор Бесими.

Фондот најави дека ќе ги зголеми квотите на лекови во аптеките кои имаат склучено договор со Фондот за 15 милиони денари, но доктор Бесими вели дека неопходно е да се направи и кампања за злоупотреба на лекарствата, како и едукација на лекарите за препишување на терапија.

„Една парадоксална ситуација идентификуваме, кога пациентот инсистира да му се препише лек иако лекарот му препорачува дека не треба, во тој случај се испишува од кај тој матичен лекар и оди кај друг. Многу битен фактор е едукација. Има голема потрошувачка на антибиотици, има огромна потрошувачка на антидепресиви и аналгетици и тоа треба да се намали со добра здравствена едукација“, изјави доктор Бесими.

И од Фондот проблемот со недостиг на лекови го препишаа на тоа што аптеките скапите лекови ги криеле во фиока, а матичните лекари неконтролирано препишувале рецепти, а граѓаните правеле залихи на лекови.

Доктор Бесими дополни дека во фаза на подготовка е и вклучување на системот за електронски рецепт, по што тој очекува јавноста да има подобар увид за потрошени лекарства.