Во Дебар се почитува споменот на НОБ

Споменик на херои од Народно ослободителната војна, поставен во центарот на Дебар.

Во Дебар не се уништуваат спомениците на хериоите од НОБ, како што е случај во многу други граодви, велат од организацијата на борците во градот. Според нив почитувањето на Народно ослободителната борба е добра основа за соживот.

Жителите на општина Дебар се коректни во однос на почитувањето на придобивките од Народно ослободителната војна и одржувањето на спомениците од Втората светска војна. Оваа оценка ја изнесуваат претставници на раководството на организацијата на борците и почитувачите на НОВ во Дебар. И покрај тоа што во некои градови во Македонија има оштетувања на спомениците, тоа во Дебар не се случува, вели претседателот на оваа здружение Ирфан Уштеленца. Според него Дебар е примерен град кога е во прашање одржувањето на спомениците од НОВ.

„Дебар е примерен град и ги почитува сите придобивки на НОВ. Сите спомен обележја се чуваат и се одржуваат. Во Дебар нема, ниту пак верувам дека ќе има оштетувања на спомениците од луѓе. Можно е да има оштетувања од временски прилики, но не и од луѓе“, вели Уштеленца.

Споменикот на Ибе Паликуќа.

Членовите на организацијата на борците од НОВ во Дебар го осудуваат актот на симнување и исчезнување на бистата на народниот херој дебарчанката Ибе Паликуќа која беше поставена и во Спомен паркот на борците во Кичево, каде таа беше убиена од окупаторот во Втората светска војна.

„Бистата на народниот херој, дебарчанката Ибе Паликуќа, која покрај во Дебар беше поставена и во Кичево во спомен паркот, во Кичево е симната и не се знае каде е. Подолг период ние баравме од страна на сите институции, како што се полицијата, Владата и други, но сепак нема одговор каде е бистата на Паликуќа и кој ја симнал. Сега со промената на власта веруваме дека ќе се најде виновникот кој ја симнал и каде е таа биста. Истата ние ќе ја поставиме повторно во Кичево. Името на оваа хероина која е Албанка го носат две училишта во Скопје, едно културно уметничко друштво исто така во Скопје, и ние се гордееме со нејзиното име. Таа треба да се почитува како од Албанците, така и од Македонците“, вели претседателот на здружението на борците од НОВ во Дебар, Ирфан Уштеленца.

​Според дебарското здружение на борците од НОВ почитувањето на Народно ослободителната борба на Македонија е добра основа за соживот не само во Дебар туку и пошироко во цела Македонија.