Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека престојната посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас на Скопје и преговорите со медијаторот Метју Нимиц се можност за приближување кон решавањето на спорот за името. Тој посочи дека верува оти е можно да се најде решение и е оптимист ако притоа се води сметка за достоинството и за идентитетот. По завршувањето на денешното судско рочиште за предметот „Поткуп“, Заев истакна и дека важно е како тоа ќе биде прифатено од граѓаните во Грција и во Македонија и како ќе помине низ институциите на системот.
„Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна“, потенцира Заев.
Тој најави дека по средбата со Нимиц наверојатно ќе следува и нова лидерска средба.