Ова досега се најтврдите потези што против Москва ги повлече администрацијата на Трамп на која критичарите и забележуваат дека била премногу мека со Москва.
Тоа го негира портпаролката на Белата куќа Сара Сандерс која најави дека Вашингтон и натаму ќе одржува строга политика спрема Москва се додека не го промени своето однесување:
„Мислам дека Русија ќе мора да ја направи таа определба. Тие ќе мора да решат дали сакаат да бидат добар актер или лош актер. Мислам дека може да се види од акциите што ги имавме преземено досега, дека ќе бидеме остри против Русија додека не реши да го смени своето однесување“.
Претходно неименувани американски безбедносни претставници изјавија дека Федерланото истражно биро и разузнавачките агенции утврдиле дека руската разузнавачка мрежа била одговорна за низа сајбер напади кои почнале пред една година.
Главна цел на нападите биле клучните сектори на американската економија; енергетскиот, нуклеарниот итрговскиот, како и авио сообраќајот и системите за снабдување со вода.
Прецизирано било дека руските хакери оствариле пристап до компјутерските системи, но оти американската влада им помогнала на компаниите да ги исфрлат.
Американските безбедносни служби ја оставаат отворена можноста за натамошни упади во системите.
Во меѓувреме, американската администрација воведе санкции против 19 руски државјани поради нивното наводно мешање во претседателските избори.
Опфатени се и пет руски компании, вклучувајќи ја и Агенцијата за истражување на интернетот, обвинета дека стои зад обемната кампања за ширење дезинформации.