Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, по средбите во Европската Комисија изјави дека не се сомнева во уставноста на Законот за јазици и дека Владата самоиницијативно ќе го испрати до Венецијанската Комисија за проверка.
Османи во Брисел имаше средби со високи претставници на ЕК во пресрет на европскиот извештај за реформскиот напредок на Македонија кој треба да биде објавен во април.
Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, Османи смета дека блокадите од опозицијата во однос на Законот за јазици имаат партиска позадина.
"Овој закон е прво усогласен со ВМРО-ДПМНЕ пред да биде усогласен со СДСМ" , рече вицепремиерот.
Османи изјави дека веќе се повлечени одредбите кои се однесуваат на употребата на јазикот на банкнотите и униформите во одбрана, во согласнот со мислење на Венецијанската комисија. Вицепремиерот додаде дека кога ќе биде Законот усвоен тој ќе биде повторно испратен до Комисијата за мислење во целост, но и дека секој има право да се обрати до Уставниот Суд доколку се сомнева во уставноста на законот.
Османи изјави дека планот на Владата за членство во ЕУ и НАТО има две траектории: едната се реформите, а другата се затворањето на отворените политички прашања, а тоа се меѓуетничките и меѓусоседските односи.
###