Глигур Јовановски од Тетово иако има 59 години и има уште пет години до пензија во потрага по подобра егзистенција поминал четири месечна обука со цел да ги научи вештините за готвач во угостителски објект, со надеж дека ќе најде таква работа. Тој како невработен се води од 2001 година од кога е затворена државната фирма во која работел, па речиси две децении се обидува да обезбеди живеачка во приватниот сектор.
„Јас работев во Деликатес, порано во стариот Деликатес. Шеф бев, бев и раководител. Така не фати 2001 година, транзицијата, и јас останав без вработување. Сум се мачел што се вика ваму таму. Човекот мора да бара егзистенција, ситуацијата ни е таа. Условите ни се тие, влади како влади си доаѓаат си одат, народот си останува“, вели Глигур Јовановски.
Како невработено лице ја посетувал обуката на Агенцијата за вработување за занимања кои се барани на пазарот на трудот. Сега се надева дека ќе најде работа, бидејќи недостига таков кадар, а за годините вели дека не се проблем доколку се има желба и можност.
„Јас за готвач се пријавив. Само ако го служи човекот здравјето, годините не се пречка. Една работа ако не оди или има повеќе кадри или нема работа, ако се укаже некоја шанса да се вработите во друга. Човекот егзистенцијата треба да ја бара, не може никој да му ја донесе дома“, рече Јовановски.
Глигур бил дел од обуката на трисетината невработени лица кои покрај готвачи, стекнувале вештини за слаткари и заварувачи. Добиле сертификати со кои се очекува дека полесно ќе можат да најдат работа.
„Во текот на обуките имаа можност да проследат теоретски дел и да се стекнат со стручни знаења во однос на соодветно избраните обуки за стручни занимања. Исто така имаа можност од едномесечна практична работа во реални услови кај работодавач со цел да ги стекнат и зголемат своите вештини во однос на избраните занимања. Се надеваме дека со вака стекнатите нови знаења и вештини ги збогатија своите компетенции и ќе станат поконкуренти на пазарот на трудот и ќе го олеснат својот пат за наоѓање на вработување или отворање на сопствен мал бизнис“, истакна Слаѓана Јосифовска од Отворен граѓански универзитет за доживотно учење, кои спроведуваат обуки во партнерство со тетовскиот центар при Агенцијата за вработување.
Во Тетовско како неврабоетни се евидентирани 12.500 луѓе. Околу 2.500 лица се на возраст од над 55 години.