Хибридната војска на Путин отвора фронт и во Македонија?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Руска хибридна војна - Балканот и Македонија следен фронт

Со дезинформации на социјалните мрежи, хакерски напади и лажни вести место калашникови, Русија својата т.н. хибридна војна против Западот ја почнува и на Балканот, каде државите како Македонија, иако се евроатлантски ориентирани, не се во ЕУ и НАТО и како такви се најранливи, велат експертите.

Лажни вести, медиумска пропаганда и дезинформирање преку социјалните мрежи, хакерски напади и саботажи, бизнис лобирање, протести и контра-протести, купување политичари, па и цели партии... Ова е само дел од арсеналот што последните неколку години го користи Русија во својата т.н. хибридна војна за да го наметне својот став против Западот. Таа војна без оружје последниов период е со тенденција да се разгори и во државите кои се евроатлантски ориентирани, но се уште не се дел од НАТО и од ЕУ, а меѓу кои е и Македонија, предупредуваат аналитичарите.

По аферите за руско мешање во американските избори, во Брегзит и во Каталонија, прва како жртва на руската хибридна војна во регионов се јави Хрватска. Нејзиниот премиер Андреј Пленковиќ предупреди: „Само наивните не можат да видат дека во Хрватска се води хибридна војна“. По него и хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ на истата тема изјави: „Најголемата безбедносна закана за Хрватска доаѓа од нестабилноста на БиХ каде Русија води хибридна војна“.

Лесно е да се направи конфликт во мали земји како Македонија

Таквите пропаганди се типично перење мозоци и со нив лесно се прави конфликт среде Европа, во мали земји како Македонија, вели Руслан Дејниченко од Стопфејк, портал специјализиран за откривање лажни вести.

„Не можете да си дозволите да го игнорирате овој проблем, бидејќи еден ден кога ќе се разбудите и погледнете низ прозорецот можете да видите илјадници луѓе со оружје кои се убиваат меѓусебно само затоа што се мразат. Тие се мразат, бидејќи се убедени, бидејќи нивните мозоци се испрани од руска пропаганда“, изјави Дејниченко во разговор за Радио Слободна Европа.

Интернет-тролови за сеење раздор

Црвениот аларм го вклучи украинскиот претседател Петро Порошенко на последната Минхенска безбедносна конференција. Тој на Конференцијата изјави дека „Русија води светска хибридна војна, поддржува и ултралевичарски и ултрадесни партии ширум светот и распоредува армија од интернет-тролови за да шири дезинформации и да сее раздор“.

Претходно тој, во интервју за Ројтерс, рече дека светот треба да се обедини против таа закана.

„Сметам дека тоа е глобална опасност и светот мора заеднички да се бори пртив таа опасност, како и против руската пропаганда како елемент на таа хибридна војна. Сајбер безбедноста е елемент на руската хибридна војна, пропагандата е елемент на руската хибридна војна, и таа дејствува без разлика дали е во САД или во Германија“, предупреди Порошенко.

Хакерски патриотизам

На тие обвинувањата Константин Косачов, претеник од партијата на рускиот претседател Владимир Путин, одговори дека Русија како држава не е вклучена во било какви сајбер војни и дека тоа воопшто не е нејзина пракса. И рускиот претседател Владимир Путин лично се произнесе за обвинувањата за водење модерни војни каква што е хибридната.
„Патриотските руски хакери можеби нападнале некои поединци кои ја критикуваат Русија, но тие хакери немаат врска со нашата влада“, рече рускиот претседател.

Дезинформации место калашникови

Марија Јанкулоска, магистер по меѓународно право и меѓународни односи и координатор на истражувања во Евро-атлантскиот совет на Македонија, за Радио Слободна Европа вели дека во овој тип на информациско војување има манипулација со масовни медиуми, ширење на дезинформации и влијание врз јавното мислење. Таа појаснува дека во ваква војна Путин се обидува да ја минимизира употребата на отворено воено насилство и акцентот го става врз информациите, економската моќ и, до одреден степен, врз политичката и дипломатската моќ.

„Иако имаме индиции и од медиуми и од аналитичари дека Балканот е во средиштето на една ваква војна и дека Русија навистина врши некој тип на влијание, сепак јас овие типови на дејствија би ги нарекла хибридни акти како дел од една поширока хибридна војна“, вели Јанкулоска.

Дугин во Македонија како хибриден акт

Балканот е подложен на вакви руски дејства, велат упатените, и Подгорица и Загреб јавно го кажаа тоа, а не молчат ни БиХ и Косово. Според дел од македонските експерти, и во Македонија се води хибридна војна и како најнов пример го посочуваат гостувањето на главниот неофицијален советник на Путин и креатор на целата руска антизападна и пансловенска стратегија Александар Дугин во Скопје. Тој дојде на дебата насловена „Македонија во стратешки сојуз со Русија“, во организација на партијата Единствена Македонија, пандан на путиновата Единствена Русија. Дугин, кој важи за националист и еден од најголемите светски критичари на либерализмот, остро го нападна Западот, повикувајќи ја Македонија добро да размисли со кого ќе стапи во сојузништво - со НАТО и ЕУ или со Русија.

Модерна војна која не смее да се игнорира

Експертот за лажни вести Руслан Дејниченко вели дека оваа модерна војна не смее да се игнорира.

„Во случајот на Украина, во случајот на Црна Гора, во случајот на Македонија на пример, значи во малите земји, лесно е да се организира конфликт среде Европа“, вели Дејниченко.

Кај нас малку се анализира ова прашање, велат дел од домашните експерти, и додаваат дека за заштита од тие хибридни дејства во иднина треба да се фокусираме врз социјалните мрежи.

„Кај нас ова прашање не е доволно анализирано иако во последно време станува многу актуелно. Но, сепак, социјалните мрежи, особено Твитер и Фејсбук, многу масовно се користат кај нас и заради тоа можам да кажам дека во иднина акцентот би можел да се стави многу повеќе на овие медиуми, особено за начинот на кој ние би се заштитиле. Доколку повеќе имаме делиберација, колку повеќе ова прашање е присутно во јавноста толку повеќе можеме да сметаме дека поефективно ќе се бориме против овој проблем“, вели Јанкулоска од Евро-атлантскиот свет на Македонија.

Аналитичарите се децидни – ова модерно војување не смее да се игнорира и мора крајно сериозно да му се пристапи од сите влади, особено во малите држави како Македонија, кои, иако се евроатлантски ориентирани, се уште се надвор од НАТО и од ЕУ и како такви се најранливи.