Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Вес Мичел во вторник ќе ја посети Македонија, потврдија од македонската Влада за Радио Слободна Европа. Од таму информираат дека тој ќе се сретне со премиерот Зоран Заев. Засега нема други детали за неговата агенда при престојот во Скопје.
Викторија Нуланд, која претходно долги години ја извршуваше таа функција доаѓаше во земјата во текот на разговорите за пржинските договори за излегување од политичката криза. Таа си поднесе оставка на позицијата лани, по што Мичел беше именуван за американски помошник државен секретар. Тој се сретна со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров минатата година при неговата посета на Вашингтон.
Инаку Мичел ќе биде во регионална турнеја. Српскиот весник „Новости“ пишува дека САД подготвиле пакет предлози за односите на Србија и Косово, кој ќе биде претставен при посетата на Мичел на регионот. Според весникот, предлозите на Мичел содржат барање Србија да овозможи прием на Косово во меѓународните организации. За возврат, заедницата на четирите општини во Косово кои се со мнозинско српско население ќе добие широки овластувања во образованието, здравството и културата, а потпретседател на косовската Влада кој е Србин ќе има овластувања да го контролира функционирањето на оваа заедница. Србија ќе добие поддршка за прием во Европската унија, како и посериозна економска поддршка, пишува весникот.