Нема ценкање за идентитетот, „Поткуп“ е мито или местенка, ОМД и палењето слики од премиерот, Ким сака една Кореја...
МАКЕДОНИЈА - За премиерот Зоран Заев обвинението во случајот Поткуп е бесмислено. Според него, обвинението било конструирано за тој да биде спречен политички да дејствува додека беше лидер на опозицијата. Заев вели дека станува збор за смислена акција преку таен агент и МВР за тој да престане со објавувањето на т.н. бомби. Заев додаде дека доказите ќе покажат дека собирал донации за црква, а не дека барал поткуп.
МАКЕДОНИЈА - Претседателот на Државната комисија за спречување на корупција, Игор Тантуровски поднесе оставка од функцијата. Обвинителството пред некој ден отвори истрага по објавениот ревизорски извештај на УЈП за работата на членовите на ДКСК. Во извештајот се наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари.
МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев рече дека во однос на евентуален договор со Грција треба да се држиме до меѓународната пракса, а за идентитетот нагласи дека не може да се разговара.
МАКЕДОНИЈА - Обединетата Македонска Дијаспора соопшти дека го осудува чинот на палење на национални симболи и слики од политички субјекти на протестите на дијаспората против промена на името, кои се одржаа на 3 и 4 март. Од ОМД посочија дека се оградуваат од одговорност, бидејќи демонстрантите своеволно отстапиле од демократските вредности и етика.
МАКЕДОНИЈА - Вработени од прилепскиот загубар Еурокомпозит најавија дека ќе постават шатори пред Владата и ќе кампуваат се додека не им бидат исплатени заостанатите плати.
ЈУЖНА КОРЕЈА - Јужна Кореја соопшти дека постигнала согласност со Северна Кореја за одржување на самит при крајот на наредниот месец. Според соопштението, двете земји се согласиле нивните лидери во меѓувреме телефонски да разговараат.
ИРАН / РУСИЈА / ТУРЦИЈА - Карикатура на иранскиот уметник Асад Бина Кахи, посветена на руското влијание врз Иран. Турција, Русија и Иран ќе одржат самит во април на кој ќе се разговара за ситуацијата во Сирија и мерките кои треба да се преземат во регионот. Портпаролот на турското МНР, Хами Аксој, го најави самитот, но не посочи каде тој ќе се одржи.
САД / ИЗРАЕЛ - Работник држи кована монета со ликот на американскиот претседател Доналд Трамп изработена како благодарност за неговата одлука да го признае Ерусалим за главен град на Израел. Трамп изјави дека ја разгледува можноста да престојува во Израел за планираното отворање на новата амбасада на САД во Ерусалим во мај годинава.
АВГАНИСТАН - Најмалку 31 осомничен бунтовник, меѓу кои и милитанти на Исламска држава биле убиени во копнени и воздушни напади на авганистанските сили низ земјата. Авганистанското министерство за одбрана соопшти дека 17 милитанти биле повредени, а двајца уапсени, а биле спроведени 13 напади врз нивни засолништа.
СЕВЕРНА КОРЕЈА - Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун имал, како што ги оцени, отворени разговори со претставници на Јужна Кореја при што ја изразил неговата цврста волја енергично да напредуваат разговорите за реунификација на двете Кореи. Вашингтон и Сеул се сомневаат во искреноста на Ун.
РУСИЈА - Герман Клименко, еден од водечките советници на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека Русија била подготвена доколку Западот се обиде да ја казни Русија со исклучување од глобалниот интернет.
СИРИЈА - Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека биле принудени да ја прекинат испораката на помош во сириската енклава источна Гута која е под контрола на бунтовниците поради влошување на безбедносната ситуација.